Повеќе од половината регистрирани сообраќајни прекршоци во изминатите три дена се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. При засилените полициски контроли низ државата биле издадени вкупно 2.720 платни налози, а 67 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, контролите биле спроведени на 23, 24 и 25 октомври 2026 година. Од вкупниот број прекршоци, дури 1.360 биле за непочитување на пропишаната брзина на движење.
Од 67-те лица лишени од слобода, седум управувале возило под дејство на алкохол, 21 возеле без возачка дозвола, а осум не ја почитувале претходно изречената забрана за управување со возило. Три лица биле затекнати како возат со брзина над дозволената надвор од населено место, а едно лице ја пречекорило дозволената брзина во населено место.
Во истиот период биле одземени и 27 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.
Полициските контроли откриле и 328 прекршоци за неправилно паркирање, додека 57 возачи биле санкционирани за управување возило под дејство на алкохол.
Дополнително, казни добиле 33 мотоциклисти поради неносење заштитен шлем, како и 239 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.
Од сообраќај биле отстранети 23 нерегистрирани возила и четири возила поради техничка неисправност. Санкционирани биле и осум возачи поради непочитување на пропишаните услови за затемнување на стаклата, односно користење несоодветни фолии.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, со апел до сите учесници да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.






