Адвокатот Владимир Туфегџиќ упати остра јавна критика по повод оставката и обраќањето на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, оценувајќи дека неговото заминување од функцијата било „тивко, празно и без суштина“, слично на начинот на кој, според него, бил и избран. Ставовите на Туфегџиќ ги пренесува Скопје1.мк
Туфегџиќ посочува дека Коцевски во својата оставка се повикал на политички „линч“, иако, како што наведува, изборот за функцијата бил спроведен зад затворени врати, без реална конкуренција и без транспарентна постапка. Како индикативен го оцени и настапот на прес-конференцијата, каде, според него, новинарите немале ниту прашања.
Според адвокатот, во обид да се прикаже како принципиелен заштитник на законитоста, Коцевски јавно ги набројувал своите „успеси“, при што спомнувал лица против кои се водат постапки, со што, како што тврди Туфегџиќ, била нарушена презумцијата на невиност.
„Кога се избира, политиката не постои и кандидатот е најстручен и најпрофесионален, а кога се разрешува – станува збор за политички линч. Успехот се мери со број на обвиненија, како на производна лента, додека за нивниот исход – нема ниту збор“, оценува Туфегџиќ.
Тој додава дека одговорноста за неуспесите најчесто се префрла на судовите, додека обвинителството, и покрај, како што вели, слабо аргументирани обвиненија, останува без последици.
Како особено спорен пример, Туфегџиќ го наведува формирањето тим од 15 обвинители за предметот „Пулс“ во Кочани, со образложение за спречување одолговлекување на постапката, што тој го оцени како апсурд, потсетувајќи дека дури и Нирнбершкиот процес имал четворица обвинители.
На крајот, адвокатот нагласува дека на државата ѝ е потребен државен јавен обвинител со јасен авторитет, избран во отворена и транспарентна постапка, кој ќе воспостави јасни правни стандарди и еднаков третман за сите предмети и странки.







