Вториот пензиски столб повторно станува актуелен откако од Владата информираат дека се чешла системот и се прават анализи кои треба да дадат одговор на прашањето: Дали оваа реформа навистина го даде тоа што им беше ветено на идните пензионери? Владата прави анализи дали вториот пензиски столб ги даде очекуваните резултати и дали се потребни промени во системот, но од МАПАС предупредуваат дека одлуките не смеат да се носат врз основа на првите примери и краткорочни оценки. Од регулаторот велат дека вториот столб не е замена, туку дополнување на првиот солидарен столб, а неговите ефекти треба да се гледаат на долг рок. Потсетуваат дека во фондовите се веќе собрани околу 3,4 милијарди евра средства на граѓаните, кои се на индивидуални сметки и се инвестираат во нивни интерес. Од МАПАС велат дека евентуални промени, вклучително и можноста за укинување или префрлање на средствата, можат да се прават само со детални анализи и законска постапка.
Вториот пензиски столб повторно станува актуелен откако од Владата информираат дека се чешла системот и се прават анализи кои треба да дадат одговор на прашањето: Дали оваа реформа навистина го даде тоа што им беше ветено на идните пензионери?
Новоназначениот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, во телевизиско гостување порача дека вториот пензиски столб не ги дал очекуваните резултати и дека мора добро да се разгледа што понатаму. Според него, пред дваесетина години идејата била добра – граѓаните преку сопствено штедење да си обезбедат поголема сигурност во староста. Но, кога дошло време првите пензионери да ги видат ефектите, сликата не била баш како што се очекувало.
– На првите 150 пензионери оваа година, како први кои влегуваат во оваа приказна, средствата што ги штеделе не им се оплодиле доволно за да имаат значителни пензии од вториот столб – посочи Велковски и додаде дека првиот пензиски столб (солидарниот) останува сигурната основа, бидејќи државата преку него гарантира исплата на пензиите.
Во Владата веќе работи комисија составена од експерти и претставници од Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика и Фондот за ПИОМ, која треба да покаже каде е проблемот и дали системот треба да се менува.
И премиерот Христијан Мицкоски неодамна предупреди дека голем дел од корисниците на вториот столб можеби нема да бидат среќни кога ќе ги погледнат своите сметки. Според него, идејата кога била воведена реформата можеби била чесна, но времето покажало дека очекуваните ефекти можеби нема да се остварат.
– Намерата била добра, но од денешна перспектива сум загрижен дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни – изјави Мицкоски и смета дека со оглед на економската состојба на земјата, можеби треба да се размислува за враќање кон едностолбен пензиски систем, каков што имаат некои земји со слични економии.
Од Владата велат дека засега нема готово решение за голема реформа, но се подготвуваат законски измени. Главната идеја е да се подобри начинот на кој се инвестираат парите од вториот столб. Се разгледува можноста да има различни инвестициски портфолија, односно парите да се вложуваат поразлично, зависно од возраста на осигурениците. Со тоа се очекува да се зголемат приносите и граѓаните во иднина да добијат подобри пензиски примања.
Многумина осигуреници се загрижени и со право, затоа што со години издвојувале дел од својата плата за дополнителна пензија, а на крајот, нема да го добијат она што им било ветувано.
Потребни се факти, не изолирани оценки за вториот столб
Од МАПАС потсетуваат дека со воведување на вториот столб во нашата држава добивме пензиски систем кој, на долг рок, треба да стане поодржлив, посигурен и поотпорен на демографските и економските промени.
– Повеќе од две децении по воведувањето на реформата, вториот пензиски столб бележи континуиран пораст на бројот на членови, на акумулираните средства и на приносите од инвестирањето, што претставува показател дека системот ги остварува своите долгорочни цели – велат од МАПАС за весникот ВЕЧЕР. Во таа насока, сметаат дека одредени јавни оценки и поедноставени заклучоци не го отсликуваат целосниот контекст на пензиската реформа и долгорочната природа на капитално финансираното пензиско осигурување.
– Оценката за функционирањето на вториот пензиски столб не може да се темели исклучиво на искуството на првите генерации пензионери, туку треба да ги земе предвид целите на реформата, времетраењето на членството во системот, инвестицискиот хоризонт, демографските трендови, како и резултатите што системот ги постигнува во подолг период. Остануваме на ставот дека повеќестолбниот пензиски систем, воспоставен со реформата, претставува современ и меѓународно прифатен модел на пензиско осигурување, кој обезбедува диверзификација на пензиските извори, поголема поврзаност меѓу уплатените придонеси и идните пензиски примања, акумулација на индивидуални заштеди во сопственост на осигурениците и придонесува кон долгорочната стабилност, отпорност и одржливост на пензискиот систем. Поради тоа, сметаме дека оценките за функционирањето на реформата треба да се темелат на целокупните резултати од нејзината примена, на стручни анализи и релевантни податоци, а не на изолирани примери или поединечни толкувања кои не го опфаќаат целиот контекст на функционирањето на повеќестолбниот пензиски систем – додаваат од МАПАС.
Додаваат дека капитално финансираното пензиско осигурување е долгорочен систем на индивидуално штедење, при што ефектите од инвестирањето се оценуваат во подолг временски период, а не само врз основа на првите генерации пензионери кои го користат системот.
– Првите корисници на пензија од вториот столб не претставуваат генерација која во текот на целиот свој работен век штедела во капитално финансираниот систем. Најголемиот дел од нив во вториот столб учествувале само дел од својот работен век, бидејќи системот започна со примена во 2006 година. Поради тоа, нивните акумулирани средства се значително помали во споредба со идните генерации осигуреници кои ќе штедат во текот на целиот работен век. Ова е природна карактеристика на сите капитално финансирани пензиски системи во почетната фаза од нивното функционирање – истакнуваат од МАПАС.
Вториот столб не претставува замена за првиот столб, туку негово дополнување
Според најновите официјални податоци на МАПАС, во првото полугодие од годинава, во задолжителните пензиски фондови се акумулирани нето-средства во износ од 208,63 милијарди денари (3,39 милијарди евра), додека заклучно со 12 јуни годинава, бројот на членови изнесува 637.954.
– Овие показатели континуирано бележат пораст, што претставува потврда за развојот на капитално финансираното пензиско осигурување и за континуираното зголемување на долгорочните заштеди на осигурениците – велат од МАПАС.
Во однос на анализите што ги спроведуваат надлежните институции, од МАПАС велат дека како независен регулатор го почитуваат правото на Владата и другите надлежни институции да вршат анализи на пензискиот систем. Нагласуваат дека, во моментов, не постои законска одлука за укинување на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.
– До нас не е доставен предлог-закон или друг формален акт со кој се предвидува укинување на вториот пензиски столб. Доколку во иднина би се разгледувале вакви системски промени, тие би можеле да се реализираат единствено преку законски измени донесени од Собранието, врз основа на детални стручни анализи, проценка на нивните финансиски ефекти и широка јавна расправа – појаснуваат од МАПАС.
Во однос на средствата што се акумулирани на индивидуалните сметки, согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, велат дека тие претставуваат средства евидентирани на индивидуални сметки и не постои можност тие да се префрлат во првиот столб. Секое евентуално идно решение во оваа област би зависело од законските измени што би ги донел законодавецот.
Во Европа постојат различни искуства во однос на реформите на вториот пензиски столб. Унгарија во 2010 година практично го укина задолжителниот втор столб и најголемиот дел од средствата ги префрли во државниот пензиски систем, пред сè поради краткорочни фискални потреби и намалување на јавниот долг. Полска во 2014 година префрли значителен дел од средствата инвестирани во државни обврзници во јавниот пензиски систем, исто така, со цел намалување на јавниот долг. Од друга страна, Хрватска, Словачка, Латвија, Литванија, Бугарија и повеќе други европски држави го задржаа повеќестолбниот модел, при што спроведоа одредени параметарски измени без негово укинување.
– Притоа, важно е да се истакне дека искуствата на одделни држави не можат директно да се пресликаат, бидејќи секој пензиски систем е резултат на специфични демографски, економски и фискални околности, како и на различна законска рамка. Поради тоа, сите евентуални идни решенија треба да се разгледуваат во контекст на состојбите и на потребите на пензискиот систем на Република Македонија – нагласуваат од МАПАС.
Меѓународните организации, вклучително и Меѓународната организација на пензиски супервизори (IOPS) и ОЕЦД, и понатаму го препознаваат повеќестолбниот пензиски модел како значаен механизам за диверзификација на пензиските извори, распределба на ризиците и обезбедување поголема долгорочна отпорност на пензиските системи во услови на стареење на населението и неповолни демографски трендови.
– МАПАС и понатаму ќе продолжи да ја извршува својата законска надлежност за супервизија на пензиските друштва, заштита на интересите на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови, како и обезбедување транспарентност и навремено информирање на јавноста за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување. Истовремено, МАПАС ќе продолжи активно да придонесува со стручни анализи и експертиза во сите процеси поврзани со понатамошниот развој на пензискиот систем, водејќи се исклучиво од јавниот интерес, законските надлежности и заштитата на правата на осигурениците.






