На двете жени за кои постои сомнеж дека биле убиени од страна на веќе осомничениот 25 годишник од кумановско, смртта им била констатирана од страна на иста докторка од Брзата помош во Куманово. За двата случаи, како што велат оттаму за Телевизија 24, било наведено дека смртта е насилна и веднаш била повикана полиција. Објаснуваат дека обдукција требало да побараат од МВР.
Здравствен дом Куманово
– За двата случаи беше истата докторка. Таа констатирала насилна смрт и повикала полиција. Наше е да констатираме смрт, се друго понатаму е од полицијата.
Телевизија 24 побара одговори и од МВР за тоа зошто не била побарана обдукција, откако била констатирана насилната смрт кај жените. Оттаму засега не даваат одговори.
Во меѓувреме, наодите за една од жените, на која на барање на обвинителството и беше направена ексхумација минатата недела, покажале дека починала од насилна смрт.
Според неофицијалните информации до кои дојде Телевизија 24, начинот на кој во февруари годинава била убиена 78 годишната жена од Челопек, се поврзал со смрта на помладата жена па затоа била побарана ексхумација на телото.
Директорот на судска медицина доктор Александар Станков вели дека извештаите од сите анализи кои ги набравиле, во најбрз можен рок ќе ги испратат до Обвинителството.
Александар Станков, директор на судска медицина
– По наредба на ОЈО Куманово, Институтот за судска медицина е активно вклучен во пронаоѓање и обезбедување на материјални докази поврзани со случајот во Куманово. Сите извештаи од нашите анализи и од нашата работа во најбрз можен рок ќе бидат доставени до обвинителството
Пред МВР и обвинителството да го осомничен за можен сериски убиец 25 годишникот и бил познат на кумановската полиција. Откако бил идентификуван по нападот на 85 годишната Росица Трајковска од село Челопек која усепала да се спаси и за Телевизија 24 ја раскажа голготата која ја поминала на почеток на месец февруари, полицијата го поврзала со две тешки кражби.
Покрај баба Росица, која еден час била малтретирана од страна на 25 годишникот и чии повреди се се уште видливи, според жителите на селата Драгоманце и Челопек, минатата година уште една постара жена била нападната од истиот насилник. Откако успеала да се спаси, пријавила во полиција.
Од она што досега е познато, осомничениот 25 годишник е во притвор, а наредено е негово психијатриско вештачење.








