Во текот на 2025 година, традиционално како и секогаш, најголем подносител на кривични пријави до Обвинителството е Министерството за внатрешни работи (МВР), кое од вкупно 19.976 лица пријавило 14.422 лица или 72,2 % од вкупно поднесените пријави, вели Јавното обвинителство на Македонија во Извештајот за работа за 2025.
Во Извештајот кажува и дека од примените и решените кривични пријави во 2025, Обвинителството отфрлило дури 42 отсто од вкупниот број, но не ги категоризира посебно по подносители за да се види дека тие илјадници отфрлени кривични пријави кои не биле поткрепени со докази, најголемиот број се на МВР. Само за тоа нема табела.
Најчестата причина за отфрлување на високиот процент од пријавите што ги поднесува МВР до Обвинителството е „нема законски основ да се поведе постапка пред суд дека некое лице е сторител на конкретно кривично дело“.
Има пад на поднесени кривични пријави од граѓани и од фирми во однос на 2024 година. Во 2025 имало 2.290 граѓани кои поднеле кривични пријави до Обвинителството, а во 2025 – 2.753. Во 2025 поднеле пријави 538 фирми, додека во 2024 – 820 фирми пријавиле криминал до Обвинителството.
Поднесените кривични пријави од другите органи, Финансова полиција, Царина, инспекторати и други, се едвај троцифрени бројки. Во извештајот, сепак, се заклучува дека „има тенденција на раст на функцијата на откривање и пријавување од страна на државните органи, но и тенденција на зголемување на постапките оформени по иницијатива на јавниот обвинител и т. н. допрен глас“, но од тие нема ни 1.000 во 2025.
Во 2025, од МВР до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се поднесени пријави против 562 лица или 48,5 % од вкупно пријавните 1.159 лица во тоа обвинителство. Споредбено со 2024, кога МВР до ОЈО ГОКК биле поднесени пријави против 325 лица, во 2025 има зголемување на бројот за 237 лица или 73 % повеќе.
Во извештајната 2025 година, од вкупно решени кривични пријави против 20.247 лица врз основа на член 288, чл.43 и член 44 од Законот за кривична постапка (ЗКП), отфрлени се, односно не е преземено гонењето против вкупно 8.554 лица или 42,2%.
Споредбено, во 2024 биле отфрлени пријави против вкупно 8.805 лица или 43,6%, што во 2025 година има мало намалување за 251 лице.
Во извештајната 2025 година, од вкупно отфрлените кривични пријави против вкупно 8.554, по член 288 од ЗКП се 6.975 лица или 81,5 %, по член 43 од ЗКП се 1.391 лице или 16,3 % и по член 44 од ЗКП се 188 лица или 2,2 %.
Член 288 од Законот за кривичната постапка (ЗКП) во суштина значи дека нема законски основ да се поведе постапка пред суд дека некое лице е сторител на конкретно кривично дело. Член 43 го пропишува одложеното гонење и резултира со донесување на решение со кое не се поведува постапка и третиот е по член 44 од ЗКП, го пропишува овластувањето на јавниот обвинител да го примени начелото на опортунитет што е исклучок од начелото на легалитет на гонењето и резултира со донесување на решение со кое не се поведува постапка.
Согласно јавнообвинителските одлуки, осомничените лица во постапката за одложено гонење по член 43 од ЗКП во полза на Буџетот на РСМ уплатиле 18.119.033 денари (над 290.000 евра) и во хуманитарни цели на овластени организации и инситуции уплатиле 759.100 денари (над 12.000 евра).








