На Аеродромот во Сараево е уапсен Анас Хамади, бизнисмен со либанско потекло и пасош на Доминиканска Република, кој е поврзан со луксузниот проект „Gulfland Residence Sarajevo“ во Босна и Херцеговина.
Според босанските медиуми, Хамади бил приведен врз основа на меѓународна потерница распишана од германските власти. Обвинителството во Берлин го сомничи него и неговиот брат Нидал Хамади за шверц на големи количини кокаин и перење пари стекнати од продажба на дрога во периодот 2011–2012 година.
По престојот во Берлин, Анас Хамади се преселил во Дубаи, каде во 2014 година бил коосновач на компанијата „Gulfland“, специјализирана за изградба на луксузни вили и елитни резиденции. Компанијата работи во Обединетите Арапски Емирати, Португалија, Италија и Босна и Херцеговина, а дел од проектите ги реализирала во соработка со брендот „Tonino Lamborghini Residences“.
Во Босна и Херцеговина, компанијата „Gulf Land Property Developers“ е регистрирана во Сараево кон крајот на 2023 година. Нивниот најпознат проект е изградбата на луксузен комплекс во населбата Храсно, а завршувањето на работите е најавено за 2027 година.
Германските власти бараат екстрадиција на Хамади, додека истрагата за наводниот синџир за трговија со дрога и перење пари продолжува.








