Пред неколку денови на социјалните мрежи се појави видео со вознемирувачка содржина, каде девојче во скопски Аеродром беше брутално тепано со шлаканици, кубено за коса, понижувано и натерано да клекне на колена и да ѝ се извини на врсничка, додека целиот грозен чин го снимаат десетина машки малолетници со мобилни телефони и навиваат.
Откако страшното видео “пукна” во јавноста, наиде на бројни негативни реакции на социјалните мрежи, а полицијата на распит ги повика сите осомничени во случајот.
Од МВР најавија кривични пријави за девојчињата и нивните родители.
“По завршувањето на истрагата ќе бидат поднесени кривични пријави за кривичните дела „насилство“ по член 386 и „запуштање и малтретирање на малолетно лице“ по член 201 од Кривичниот законик”, информираа од МВР.
Ова не е прв случај на врсничко насилство. Дел од децата се често подложени на психички и физички малтретирања од нивни соученици и тоа претставува сериозен проблем во Македонија.
Од таа причина, “Фокус” на оваа тема поразговара со Ивана Стоименовска, м-р по социјална психологија и семеен и системски психотерапевт.
“Зголемениот тренд на врсничко насилство во Македонија и тоа со експлицитна манифестација на агресивност можам да кажам дека се должи на збир од повеќе фактори како индивидуални, семејни, училишни, општествени и културолошки.
Кога доаѓаме до сржта на некој проблем како во овој случај, мора да го земеме во предвид првично индивидуалниот развој на личноста во корелација со семејниот контекст во кој таа личност растела и се развивала”, објаснува Стоименовска.
Според неа, во нашето општество се повеќе семејства функционираат така што на преден план се ставаат материјалните постигнувања како и желбата за професионален развој, додека стимулацијата на развој на емпатија, соработка, другарство, негување на добрите релации во семејството, толеранција, се тоа како да е оставено некаде на втор план.
“Во таквите семејства каде заостанува тој социо-емоционален развој или не се стимулира, се развиваат личности кои имаат проблем со самоконтрола и саморегулација како и манифестација на агресивно однесување во сите негови форми.
Кај младите гледам и една ,,нормализција” на тој вид на насилство што ме тера да размислувам и на тој културолошки фактор на средината меѓу врсниците како значаен фактор за се побројните вакви случаи”, додава Стоименовска.
Училиштата кои не превземаат ништо или многу малку работат на рана превенција и детекција на насилството, но и неказнивоста на евентуална пројава на насилно однесување кај младите создава еден простор или клима за развој и нормализација на истото.
“Државата пред се треба да го вклучи црвениот аларм на оваа тема и заедно со училиштата, стручните работници и сите релевантни иституции тимски да му се посветат на овој важен проблем на начин што ќе ги разгледаат сите можности за рана детекција и превенција, за отвореност и достапност на сите психолози во училиштата за сите деца кои на било каков начин се засегнати од врсничкото насилство, но и конечно да проработат и инситуциите кои таквото недозволено однесување ќе го санкционираат и тоа со казни кои ќе ги засегнат и младите, но и нивните семејства”, објаснува таа.






