Шпанија ја намалува инфлацијата.
Годишната инфлација во Шпанија за февруари, според првата прелиминарна проценка, е 2,3 проценти, исто како и во јануари, бидејќи падот на цените на електричната енергија беше неутрализиран со зголемувањето на цената на горивото, храната и угостителските услуги, објави денеска Националниот институт за статистика (INE).
Министерството за економија на Шпанија објави дека земјата е сè уште на вистинскиот пат да ја намали инфлацијата на два проценти, како и дека платите во моментов растат побрзо од инфлацијата, што им ја враќа на граѓаните изгубената куповна моќ.
Основната инфлација во Шпанија, која ги исклучува енергијата и непреработената храна, забележа мало зголемување од една десетина и сега изнесува 2,7 проценти на годишно ниво, додека на месечно ниво, во споредба со јануари, е забележан скок од 0,4 проценти.
Аналитичарите предупредуваат дека март ќе биде критичен тест, бидејќи минатата година во тој период цените на електричната енергија драстично паднаа благодарение на обилните дождови што ги стартуваа хидроелектраните.
Веројатно е дека инфлацијата во Шпанија привремено ќе се зголеми, додаваат економистите.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, неодамна коментираше дека граѓаните честопати субјективно чувствуваат повисока инфлација отколку што сугерираат официјалните податоци.
Причината лежи во фактот дека перцепцијата се формира врз основа на кошничката за дневно купување храна и други дневни потреби, чии цени паѓаат многу побавно од трошоците за другите артикли вклучени во статистиката, пренесува Танјуг.








