Во соработка со младите од Чаир денес беше промовирана новата дигитална платформа „Младите за Чаир“, замислена како модерен и интерактивен простор каде младите и граѓаните ќе можат да ги изразат своите идеи и предлози за развојот на општината.

Според кандидатот за градоначалник Изет Меџити, изборот платформата да биде пуштена токму на Меѓународниот ден на младите не е случаен, бидејќи младите се „најголемата сила на промените и главни партнери во процесот на развој“.

„Сегашноста и иднината на Чаир започнуваат со младите. Секоја идеја ќе биде сериозно разгледана,“ истакна Меџити, додавајќи дека веќе се прифатени неколку вредни предлози, меѓу кои и иницијативата за создавање кол-центар за граѓаните, кој ќе обезбеди побрза, поефикасна и поотчетна комуникација со општината.

Покрај тоа, денес започна и Културната недела во Базарот – „Doku n’Bazaar“, која во наредните седум дена ќе донесе уметнички и културни активности со учество на локални уметници. Целта е промоција на културното наследство, а градоначалникот ги повика сите граѓани да земат активно учество и заедно да ги прослават културните вредности и идентитетот на Чаир.









