За нас нема црвени линии како оние на Филипче, туку имаме само македонски линии. Такви лаги слушнавме многу во минатото. Додека СДСМ владееше половина милион од нашите граѓани живееја со само 150 денари на ден. Го уништија стандардот на чие подигање посветено работиме. А ДУИ пак беа господари коишто одлучуваа за целата македонска економија. На тендери лесно купуваа трговски центри, бензински пумпи, скапи деловни простории додека беа во коалиција со СДСМ, рече на митингот во Битола претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при што на лидерот на ДУИ Али Ахмети му порача дека е тажно да дели историски лекции додека Албанците се иселуваат од земјава. Човекот води кампања за локални избори а на секој митинг не испушта да кажува за историја, нешто што се случило пред многу децении. Претпоставувам дека тоа е онаа матрица заробена во минатиот век.
Зад себе оставам мандат со 4 години посветена работа во интерес на граѓаните на Општина Битола. Период во кој сите заедно бевме сведоци дека Битола наликуваше на едно вистинско градилиште. Се градеше насекаде почнувајќи од централното градско подрачје до најоддалечените населби истакна кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски. Доколку ја добие довербата за втор мандат рече дека ќе има уште многу капитални инвестиции.
Меѓу тие многу проекти е и предлогот на претседателот Мицкоски на еден голем простор да се продаваат парцели по едно евро за квадрат за градба за домови на млади брачни парови. На синоќешниот митинг беше претставена и листата на кандидати за советници предводена од носителот Филип Поповски.






