Коалицијата ВЛЕН обвини дека токму ДУИ ја издала дозволата за работа на депонијата за електронски отпад во Трубарево, објект кој се наоѓа во населено место во близина на Скопје. Според ВЛЕН, дозволата е потпишана од тогашниот министер за животна средина Насер Нуредини, личен избор на Али Ахмети и близок пријател на Бујар Османи.
„ДУИ ја носи одговорноста“
ВЛЕН посочува дека ДУИ се обидува да ја префрли вината на други, но граѓаните знаат дека токму оваа партија е одговорна за еколошката катастрофа што ја трпи Скопје и целата држава.
„ДУИ 20 години управува со ресорот екологија, а зад себе остави депонии во Тетово, Кичево, Струга и десетици во околината на Скопје. Наместо решенија, тие оставија загадена почва и отровен воздух,“ стои во соопштението.
„Институциите под нивна контрола затаија“
Од ВЛЕН додаваат дека јавните претпријатија задолжени за отпад се раководени од кадри на ДУИ, поради што денес граѓаните на Скопје се гушат во чад и отров.
„Додека граѓаните живееја во загадена средина, функционерите на ДУИ купуваа трговски центри, фотоволтаици и нафтени бизниси,“ велат од коалицијата.
Обвинувања за лицемерие
ВЛЕН реагира и на последните изјави на ДУИ:
„Како е можно партијата што 20 години управуваше со животната средина, денес да го обвинува Изет Меџити кој е министер само година и половина? Како е можно да го потценуваат разумот на граѓаните и да ја извртуваат вистината?“
Порака до граѓаните
ВЛЕН заклучува дека 19 октомври ќе биде денот кога граѓаните ќе стават крај на ваквите политики и ќе изберат власти кои ќе воспостават ред во управувањето со отпадот, ќе ги затворат нелегалните депонии и ќе обезбедат чиста животна средина.









