ВЛЕН обвини дека во пописот на населението во 2021 година, спроведен од тогашната влада, албанската дијаспора била исклучена поради моделот и методологијата предложени од ДУИ.
Според ВЛЕН, токму функционерите на ДУИ биле автори на законот и начинот на спроведување на пописот, со што се довело до „развреднување на бројките“ и „нарушување на принципот на еднаква застапеност“. Како што велат од партијата, цели села во западна Македонија биле евидентирани со само 30 до 50 проценти од нивните жители.
„Во тој период ниту еден претставник на ДУИ не покажа загриженост. Интересот им бил насочен кон приватни компании на нивни блиски и семејства, додека Албанците беа избришани од пописот,“ се наведува во реакцијата.
ВЛЕН истакнува дека веќе покренале иницијатива за утврдување одговорност кај сите кои учествувале во процесот и порачаа дека „не може да се решава проблем што самиот си го создал“. Партијата додава дека ќе застане во одбрана на дијаспората и на сите граѓани кои бараат праведна застапеност.
„Времето на манипулации заврши – почнува времето на еднакви права,“ стои во пораката на ВЛЕН.









