ВЛЕН со план за обединување во единствена партија со ротациско раководство и консензусно одлучување
Коалицијата ВЛЕН е на чекор до трансформација во единствена политичка партија под името Демократска унија на Албанците ВЛЕН, покажува драфт-план до кој имаше увид ТВ21. Според документот, партијата ќе биде регистрирана како политичка организација во Централниот регистар на Република Северна Македонија, при што се разгледуваат две опции – основање на нов субјект или промена на името на една од постојните партии во рамки на коалицијата.
Политички, ВЛЕН ќе се позиционира во десниот центар, со идеолошка основа врз конзервативни вредности, нагласувајќи ја улогата на нацијата, традиционалното семејство и културното наследство. Во стратешка смисла, партијата ја дефинира својата прозападна ориентација, со јасна поддршка за соработката со САД и Европската Унија, како и за регионалната оска Анкара–Софија–Скопје–Тирана.
Највисок орган на партијата ќе биде Конгресот со 500 членови. Четирите партии основачи ќе имаат по 150 делегати, додека ВВ и Арберија по 50. Конгресот ќе ги избира Претседателството и Генералниот совет. Генералниот совет ќе брои 130 членови со пропорционална застапеност и ќе одлучува за избор на Централното претседателство, пратеничките листи и клучните стратешки прашања. Централното претседателство ќе има 33 членови, а пратениците, министрите, заменик-министрите и градоначалниците ќе членуваат без право на глас.
Клучна новина е моделот на ротација на претседателот. Претседателството ќе го сочинуваат четири функции – претседател, генерален секретар, потпретседател и претседател на Генералниот совет – со четиригодишен мандат, додека претседателот на ВЛЕН ќе се менува секоја година. Редоследот ќе се утврдува со ждрепка, а одлуките ќе се носат исклучиво со консензус. На овој начин, се предвидува целосна рамноправност меѓу субјектите.
Претседателот ќе ја претставува партијата и ќе ги организира состаноците на раководните тела, генералниот секретар ќе биде одговорен за администрацијата, потпретседателот ќе го заменува претседателот, а претседателот на Генералниот совет ќе ја координира работата на советот согласно статутот.
Во организациската структура се планираат повеќе секретаријати, меѓу кои за организација, стратешки политики и меѓународни односи, комуникација со јавноста, департмани како „влада во сенка“, носители на јавни функции, кадровски прашања и финансии. Сите ќе работат преку четиричлени комисии и со консензусно одлучување.
Планот вклучува и формирање на Политичка академија на ВЛЕН, како и Форум на жени и Форум на млади, заедно со локални ограноци и подограноци низ државата.
Мандатот на овој модел е предвиден на четири години, со почетен буџет од 100 илјади евра, обезбедени од четирите конститутивни партии. Централното седиште ќе биде во Скопје, а сите постојни канцеларии ќе бидат ребрендирани под името ВЛЕН. Според планот, постојните партии формално може да опстанат поради државното финансирање, но по конгресот ниту една нема да дејствува политички самостојно, со можност и за нивно целосно згаснување во иднина.
Извор: ТВ21







