Агенцијата за вработување во објавениот извештај за работењето во 2025 објави дека има акумулирано вишоци на приходи од минатата и од претходните години од 77,2 милиони евра, а токму овие пари власта сака да ги искористи за да ја спаси ликвидноста на Пензискиот фонд, кој е се позависен од државниот буџет.
Со измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување ќе се кратат парите за Агенцијата за вработување (АВРМ) за да има повеќе за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), така што да може да се поделат пензиите кои наскоро ќе се зголемат со порамнувањето. Измените во Собранието беа доставени од пратеници од владеачкото мнозинство и се донесоа по скратена постапка.
Агенцијата за вработување во извештајот информира дека се останати околу 4,75 милијарди денари како вишок на приходи. Овие пари главно се изнасобрале како непотрошени за мерките за вработување и за трансфери за лица кои останале без работа. Пренесениот вишок на средства од претходните години бил 60 милиони евра. Дури и во самата 2025 година останале околу 12 милиони евра разлика помеѓу планираното и оствареното трошење.
Сегашната стапка која се издвојува за ПИОМ изнесува 18,8 отсто, со измените во Законот таа ќе стигне до 19,9 отсто. Издвојувањето пак за осигурување во случај на невработеност од сегашните 1,2 отсто ќе се сведе на само 0,1 отсто. Мерката се планира да биде преодна, односно да важи од платата за јуни до платата за декември годинава. Вкупната стапка останува 28 отсто, односно нема промена на вкупниот придонес што се плаќа. Законот беше донесен на 28 јуни
Целта на законското решение е зајакнување на финансиската стабилност на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, во услови кога Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија има вишок на акумулирани депозитни средства, образложуваат предлагачите.
Предложеното законско решение дојде само на неколку дена по објавената ревизија за работењето на државниот пензиски фонд. Ревизијата констатираше дека иако приходите на ПИОМ од наплатени придонеси растат (во 2024 година се зголемиле за 14 отсто во однос на претходната) остануваат недоволни за покривање на пензиите. Дупката се покрива со сѐ повеќе пари кои до Фондот се трансферираат од државниот буџет.
Ревизијата утврди дека Фондот не врши навремена уплата на придонесите и за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, иако има законска обврска за тоа.






