Владата донесе одлука за засилени контроли во секторот за производство на медицински канабис со цел да се спречи нелегално производство и продажба на домашниот и меѓународниот пазар.
„Институциите се задолжени во рамки на своите надлежности да преземат сите законски мерки и активности и да извршат вонредни контроли на сите правни лица кои имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели на целата територија на државата. Во рок од 45 дена треба да достават извештај до Владата“, соопшти владиниот портпарол, Венера Азизи.
Исто така, Владата ќе ги именува членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Азизи напомена дека комисијата, формирана во 2017 година, до сега не била активна и нема остварено резултати, па во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзиното работење.









