Враќањето на долгот од еврообврзница која чини 700 милиони евра и дополнителни 200 милиони долгови кон странство ќе биде главниот предизвик пред кој ќе се соочи државниот буџет во следната 2026 година. Токму поради ова е планирано и ново задолжување со еврообврзница за која Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска најави дека е можно да надмине и над милијарда евра.
Инаку Владата денеска го усвои предлог буџетот за следната година во кој се предвидени 6,7 милијарди евра расходи, а 6,1 милијарди евра приходи. Економскиот пораст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Најголем дел од парите ќе бидат потрошени за инфрастуктурни проекти како што се оние кои ги реализираат Бехтел и Енка, за одбраната, но и за плати и пензии вели Димитриоска Кочоска. Исто така е проектиран раст на потрошените пари за социјална заштита, за плати и придонеси. Намалување е забележано кај капиталните инвестиции, што според министерката е доказ дека е проектиран реален буџет.
Во однос на јавниoт долг, таа не сакаше да кажува податоци и покрај тоа што Владата веќе има некакви проекции. Според неа очекувано е да има промени ако се земе предвид дека во моментот има 58,5 проценти јавен долг.
Димитриеска Кочоска истакна дека Министерството за финансии проекциите за 2026 година, ги базирало на предлог буџетските барања од буџетските корисници и раководејќи се од принципите на реалност, економичност и ефективност а очекува со него да се намали и сивата економија.






