Во индиската сојузна држава Керала, храмски слон излегол од контрола, при што едно лице загинало, а друго било повредено.
Инцидентот се случил во храм во местото Кидангур кај Ангамали, недалеку од Кочи, кога слонот по пристигнувањето се ослободил од оковите и станал насилен, објави Hindustan Times.
Според снимките што се проширија на социјалните мрежи, животното превртувало автомобили, корнело дрвја и уништувало мотоцикли и друг имот.
Во дивеењето загинал возачот на камионот со кој слонот бил донесен, идентификуван како Вишну од Колам, додека главниот дресер на слонот бил повреден и пренесен во болница.
На властите им биле потребни неколку часа за да го совладаат животното, кое на крај било успано со стрела за анестезија.








