Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, упати новогодишна порака до граѓаните во која истакна дека годината што изминува била обележана со сериозна работа, внимателни одлуки и јасно поставена цел – стабилизирање на јавните финансии и заштита на економската сигурност на државата и граѓаните.
Таа нагласи дека во услови на глобални економски неизвесности е зачувана ликвидноста на буџетот, зајакната е довербата во финансискиот систем и обезбедена е финансиска стабилност.
Според министерката, во 2026 година фокусот останува на одговорно управување со јавните финансии, поддршка на економскиот раст и создавање услови за нови инвестиции. Како што посочи, Македонија ја започнува новата година постабилна, поорганизирана и со значително посилни економски темели.
Димитриеска-Кочоска им посака на граѓаните добро здравје, мир, лични успеси и радост во домовите, потенцирајќи дека ќе продолжи да работи посветено и одговорно во интерес на стабилна држава, сигурна иднина и подобар живот за сите.
„Среќна Нова година и нека 2026 биде година на напредок и спокој за секој дом“, порача министерката за финансии.







