Една од клучните препораки што ги дава Венецијанската комисија, заедно со Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото (ДГИ) на Советот на Европа, е јавниот обвинител во иднина да нема можност за реизбор, и неговиот избор да се врши со квалификувано (двотретинско) мнозинство во Собранието. Овие измени, како што се наведува во мислењето на Комисијата, не можат да се решат со закон, туку бараат промена на Уставот.
„Со оглед на важноста на прашањата за автономија и релативна независност на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува пред сè, во контекст на идна уставна реформа, Уставот да се измени во овие точки, за да не се предвидува можност за повторно назначување на јавниот обвинител и да се обезбеди квалификувано мнозинство во Собранието за негово назначување и разрешување“, стои во извештајот на Венецијанската комисија.
Венецијанската комисија се фокусира на потребата за поголема професионалност, отчетност и институционална независност во обвинителскиот систем.
Комисијата наведува дека за да се зајакне интегритетот на функцијата јавен обвинител, неопходно е во законите експлицитно да се наведат менаџерските и организациските способности како дел од критериумите за избор. Ова, според неа, ќе придонесе за подобро функционирање на Јавното обвинителство како институција од суштинско значење за владеењето на правото.
Дополнително, се препорачува јасна и недвосмислена регулатива која предвидува дека секоја правосилна пресуда со затворска казна автоматски го прекинува мандатот на јавниот обвинител или обвинителите, без потреба од дополнителна процедура. Оваа мерка има за цел да се заштити институцијата од компромитирање на нејзиниот углед и довербата на јавноста.
Венецијанската комисија нагласува и дека Владата, во случај да не се согласи со мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешување на јавниот обвинител, мора да достави детално и јасно образложение до Собранието. На овој начин се овозможува поголема транспарентност и отчетност во процесите на назначување и разрешување, како и заштита од евентуални политички злоупотреби.
„Да се обезбеди алтернатива на начинот на кој ќе се избираат членовите, со што ќе се обезбеди избор базиран на заслуги, интегритет и разновидна застапеност. Да се разјаснат концептите ‘влијае врз автономијата на јавните обвинители’ или ‘ги занемарува или не ги извршува своите функции и должности во работата на Советот’ како основа за разрешување на членови на Советот на јавни обвинители. Да се вклучат дополнителни заштитни мерки за да се спречи критичните одлуки, вклучително и одлуките за предвремен престанок на мандатот на членовите на Советот, неизбежно да бидат определени од обвинителското мнозинство во Советот“, стои во мислењето на комисијата.
Одредбата според која две последователни негативни оценки може да се сметаат за „тежок дисциплински прекршок“ што води кон разрешување, според Комисијата, треба да се преиспита или целосно да се отстрани, бидејќи постои ризик од нејзина злоупотреба за вршење притисок врз обвинителите.
Во однос на одговорноста на јавниот обвинител пред Собранието, Комисијата предупредува дека таа не треба да се однесува на поединечни обвинителски одлуки, бидејќи тоа може да отвори врата за политички притисоци врз независноста на обвинителството.
Што се однесува до Советот на јавни обвинители, Комисијата препорачува:
Да се преиспита времетраењето на потребното професионално искуство на сите членови;
Да се суспендираат обвинителските функции на членовите за време на нивниот мандат во Советот;
Да се обезбеди застапеност заснована на заслуги, интегритет и разновидност при изборот на членовите;
Да се разјаснат одредбите што се однесуваат на разрешување на членови, особено формулациите како „влијае врз автономијата“ или „не ги извршува своите должности“;
Да се предвидат дополнителни заштитни механизми кои ќе осигурат дека важните одлуки, вклучително и оние за предвремен прекин на мандатот, не зависат исклучиво од обвинителското мнозинство во Советот.
Венецијанската комисија и Генералниот директорат на Советот на Европа ја заклучуваат својата анализа со изразена подготвеност да продолжат со советодавна и техничка поддршка на институциите во Северна Македонија, со цел успешна и сеопфатна реформа на правосудниот систем во согласност со европските стандарди.






