Министерството за внатрешни работи на Албанија прогласи уште двајца граѓани од Македонија за „персона нон грата“, поради сомнителни активности против албанската држава, објави „Топ ченел“. Според медиумот, станува збор за Ваљон Бела и Бекир Халими кои се прогласени за непожелни, а за кои наводно постојат докази за активности штетни за албанската држава.
Одлуката била донесена по предлог на антитерористичката единица во Државната полиција, додека потврда дало и Министерството за внатрешни работи. И двајцата имаат забрана за влез на албанска територија во траење од 10 години, додека за Ваљон Бела е издадена наредба за депортација.
Халими беше член на поранешната ОНА и е вахабистички теолог. Во 2008 беше осомничен за поврзаност со терористичка ќелија на Ал каеда. Во 2016 година беше исклучен од Исламската верска заедница на Македонија по судирите со раководството на институцијата.
За одлуката, преку Фејсбук остро реагираше Бела опишувајќи ја албанската влада дека е во служба на странски интереси и дека е во целосна синхронизација со Белград.
„Еве ја мојата реакција за одлуката „непожелен“ за Владата на Еди Рамовиќ, сијамскиот брат на Вучиќ. Административна одлука не може да ја прогласи историјата, жртвата и придонесот на еден Албанец за „нон грата“. Ако борец од трите албански национални војни е прогласен за непосакуван во албанската држава, тогаш прашањето не е само кој бил прогласен за „нон грата“, туку каква порака се дава на нашата национална меморија“, пишува Бела.
Според него, Албанците никогаш не биле поделени на оние „внатре“ и „надвор“ од државната граница кога станува збор за национални идеали. Оние кои се жртвувале за слободата и достоинството на Албанците не можат да бидат судени само според административните одлуки, особено кога недостасуваат транспарентност и јасно јавно објаснување.
„Ниту една влада не е над нацијата и ниту еден политички мандат не е вечен. Владите доаѓаат и си одат, додека историјата останува. Оние кои денес донесуваат исклучителни одлуки треба да бидат свесни дека ќе бидат судени не само од нивните современици, туку и од генерациите кои ќе проценат дали го заштитиле националниот интерес или интересите на денот. Особено кога една влада сериозно го навредува Косово, го пречекува Вучиќ со црвен тепих и брутално ги малтретира и тепа своите луѓе кои размислуваат поинаку.
Достоинството на еден борец не се мери според правото да влезе или не во една земја, туку според делото што го оставил зад себе и почитта што ја ужива меѓу народот. И токму во совршена синхронизација, Рама и Вучиќ ме ставија на списокот на непосакувани. Ова зборува многу!“, напиша Бела.
Бела е поранешен функционер на ДУИ и поранешен економски директор на Клиниката за гинекологија и акушерство. Тој на јавноста ѝ е познат дека во 2018 година беше застрелан во нога во скопската општина Чаир. Претходно тој беше дел од Беса, а во ДПА беше потпретседател откако неговата партија Албански сојуз се спои со партијата на Мендух Тачи.






