Утре, некои улици во Центарот на Скопје ќе бидат блокирани, оти ќе се одржува протестот на ССМ за поголема минимална плата. Маршот на синдикалците ќе тргне од пред седиштето на ССМ, ќе продолжи кон Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата. Во рутата на движење се опфатени улиците „Филип Втори Македонски“, „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“ и „Васил Главинов“, и булеварите „ВМРО“ и „Илинден“. Поради тоа, сообраќајната полиција ќе воведе времени ограничувања и пренасочувања на возилата по трасата на движење. Министерството за внатрешни работи апелира граѓаните да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да бидат внимателни при движењето во центарот на градот.








