Универзитетите што ќе покажат најдобри резултати ќе добијат најмногу средства од државниот буџет, најавува министерката за образование и наука Весна Јаневска.
– Ќе се обидеме заедно со групата со која работиме да најдеме начин универзитетите да добијат развојна компонента. Оние што ќе имаат најдобри резултати да добијат поголем буџет за разлика од оние кои нема да покажуават резултаtи да добијат помал буџет годишно што го дава државата.
Ќе се потрудиме да обезбедиме соодветен кадар според систематизацијата на факултетите, универзитетите, ќе ја зајакнеме контролата во приватните универзитети за кои сме свесни дека не продуцираат квалитетен кадар, ќе ги зголемиме студентските права, изборите на раководните функции во универзитетите ги демократизираме – рече Јаневска на Телма.
Таа најави дека Министерството за образование наскоро ќе објави нова драфт верзија на концепцијата во гимназиското образование, во насока на негово прилагодување со современите текови во општеството.
– Ќе имаме нова концепција за гимназиското образование, многу бргу ќе понудиме нова драфт верзија и ќе ја ставиме на дискусија. Ако не биде до крај на годинава тоа ќе биде во јануари – рече Јаневска, истакнувајќи дека концептот треба да биде прифатен од мнозинството чинители во образованието за да се применува.








