На книжевниот фестивал Друга приказна во културниот центар Јадро се одржа тринаесеттото издание на Одрадек, посветено на Лилјана Дирјан и на нејзината книга „Концерт за мирис и оркестар“, приредена од Никола Гелевски. Книгата е компилација на текстови, раскази и песни од речиси целокупниот творечки опус на Лилјана Дирјан.
Дирјан, која почина 2017 година, беше учесничка на првото издание на фестивалот Друга приказна и победи на првиот фестивалски книжевен натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“.
На првата Друга приказна учествуваа и Елизабета Шелева и Роберт Алаѓозовски кои овојпат, заедно со Никола Гелевски, на десеттото издание на фестивалот, разговараа за важноста и за денешното влијание на Лилјана Дирјан.









