Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, во интервју за А1ОН изјави дека негов приоритет ќе бидат проекти кои директно ќе го подобрат секојдневието на граѓаните.
„Ако граѓаните ми ја дадат довербата, првите години од мандатот ќе ги посветиме на проекти што директно ќе го подобрат секојдневието во Пробиштип. Прво ќе почнеме со подготовка на нови индустриски и станбени зони кои ќе претставуваат современи можности за семејствата и нова перспектива за иднината,“ истакна Тоневски.
Решавање на јаловишната депонија и еколошки проекти
Еден од најважните приоритети, според него, е подготовката на план за конечно решавање на проблемот со јаловишната депонија. „Ќе започнеме со консултации со еминентни експерти со цел да дојдеме до одржливо решение за овој проблем, за кој досегашната власт многу ветуваше, а не понуди никакви резултати,“ рече Тоневски.

Дополнително, тој најави вложувања во енергетска ефикасност и изградба на две пречистителни станици за отпадни води со меѓународна поддршка, со што ќе се реши загадувањето на Пробиштип, Злетово, Ратавица и Киселичка река.
Инфраструктура и туризам
Во инфраструктурниот дел, Тоневски го нагласи значењето на изградбата на патниот правец Пробиштип – Пониква, кој според него би го оживеал локалниот туризам. Паралелно, ќе се работи и на реконструкција и проширување на патот Пробиштип – Свети Николе, со цел подобро вмрежување на двата града и поширокиот регион.
Спорт и урбан живот
Кандидатот најави и инвестиции во спортската инфраструктура – изградба на нов градски базен, како и целосна трансформација на фудбалското игралиште во Злетово.„Инфраструктурата, животната средина и спортот не се трошок – тие се инвестиција во иднината на Пробиштип,“ порача Тоневски.









