Во Општата болница со проширена дејност во Дебар, ставени се во функција целосно реконструираните простории на Службата за брза помош.
-Од денес, овие простории се целосно нови, стандардизирани и функционални, во служба на обезбедување поквалитетни и поефикасни здравствени услуги за граѓаните. Нашата институција останува континуирано посветена на унапредување на инфраструктурата и подигнување на стандардите во служба на пациентите, информираше Мерсим Колеци, директор на болницата.
Целосната реконструкција се реализира со донација на Авдул Бајро, дебранец кој живее и работи во САД, за што Колеци од свое и име на вработените и граѓаните изразува голема благодарност.
Во периодот додека се реализираше овој зафат, пациентите медицинската помош ја добиваа во Ургентната единица на болницата.
Ова е последователен зафат во установата, со кој, според Колеци, се обезбедуваат многу посовремени услови а се во интерес на здравјето на пациентите.
Дебарската болница има 172 вработени, над 80 отсто здравствен кадар, кој се грижи за здравјето на жителите на општините Дебар и Центар Жупа а по потреба услуга даваат и за оние од подрачјето на Река, Општина Маврово и Ростуше.








