Утре од 9 часот ќе биде блокиран пристапот до Собранието и до двата паркинг-простори на законодавниот дом. Пратениците, сепак, ќе треба да дојдат на работа и да учествуваат на седницата, соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Најмалку по 21 работник на две локации пред Собрание ќе завршат работа, но ве повикуваме сите што можете да ни се придружите на протест со блокада“, повика претседателот на Сојузот на синдикатите, Слободан Трендафилов.
Работничкиот протест ќе се одржи на улиците „11-ти Октомври“ и „Даме Груев”. Но, ќе бидат пропуштани, односно ќе се обезбеди непречено движење на возилата на Итната медицинска помош, на Противпожарната бригада и на полицијата. „Воедно, им се извинуваме на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на блокадата по наведените улици, а секој итен случај ќе биде пропуштен да помине“, велат од ССМ.
Блокадите се дел од притисокот за реализација на барањата за минимална плата од 600 евра и за зголемување на сите плати за најмалку 100 евра. Пратениците, пак, први ќе се соочат со работничкото незадоволство бидејќи цела година молчат за овој предлог: „Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците“, наведено е во повикот за утрешниот протест.
Исто така, се додава: „Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79 % зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2 % колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8 % зголемување на нивните плати“.
ССМ и претходно најави – ако пратениците продолжат да молчат, ќе се премине на собирање 10.000 потписи за намалување на функционерските плати и зголемување на платите на работниците: „Ќе мораат да бираат, ќе гласаат за себе, а против работниците (нивните гласачи) или ќе гласаат за работниците“.
На денешниот брифинг со медиумите, пак, Гаши посочи дека на пратениците им е најавено да дојдат на своите работни места и на седница, без да биде попречено правото на протест на работниците. Евентуалните блокади на влезните врати од Собранието, како што рече, се во доменот на МВР.
„МВР прави проценки како треба да се реагира, претставници на кабинетот имаа средба со нив. МВР ги презема сите свои мерки и се надеваме дека ќе биде мирно и како што треба“, вели претседателот на Собранието.
Што се однесува до барањата за платите смета дека проблемот не може да се реши само со покачувањето на платите зашто тоа е комплексно прашање. Но, ако зависело од него „веднаш би ги покачил платите“.
За идната недела Синдикатот најави и блокада на Владата.









