Сојуз на синдикатите на Македонија утре од 11 часот ќе ги блокира влезовите на Владата, во рамки на барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за 100 евра.
Од ССМ велат дека блокадата е поради недоговор со Владата и работодавачите за раст на платите и поради тоа што не бил прифатен предлогот за субвенционирање на придонесите. Според претседателот Слободан Трендафилов, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари, а работниците добиваат само 17 проценти од вредноста што ја создаваат.
Блокадата ќе се реализира со по 21 лице на секој од влезовите. Доколку нема разбирање од Владата, ССМ најавува организирање 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.
Синдикатот подолг период бара зголемување на платите поради растот на трошоците за живот, а доколку не се постигне договор, во март ќе следи редовно усогласување на минималната плата.








