Српските медиуми предупредуваат дека возачите кои ова лето патуваат кон Грција преку Македонија треба да бидат особено внимателни поради засилените контроли на брзината на автопатите.
Според информациите објавени од Nikana.gr, на една од најфреквентните рути кон граничниот премин Евзони поставени се пет нови камери за мерење брзина, а се најавува и построг полициски надзор.
На туристите им се препорачува строго да ги почитуваат ограничувањата на брзината, особено на делниците каде што ограничувањето е намалено на 70 километри на час. Според порталот, токму на тие места најчесто се поставени полициски патроли и радари, често зад кривини или на помалку видливи делови од патот.
Како што наведува Nikana.gr, камерите се поставени на следните локации:
– Пред исклучувањето за Скопје
– Пред одморалиштето Бастион Плаза кај Катланово
– Околу пет километри по Бастион Плаза
– По исклучувањето за Велес
– По четвртата наплатна рампа, веднаш по излезот од тунел
Српските медиуми посочуваат дека казните за пречекорување на брзината можат да бидат високи, па апелираат возачите внимателно да ги следат сообраќајните правила за да избегнат непријатности уште на почетокот на летниот одмор.








