Хакерската група ИНФ Груп, за која се верува дека работи од Србија, ја презеде одговорноста за новиот безбедносен инцидент во кој беше објавена базата на податоци на хрватски граѓани. Информации за ова се појавија на хакерски форуми, а групата тврди дека податоците потекнуваат од хрватскиот правосуден систем. Ова е последен во низата напади за кои групата ја презема одговорноста, пишува Bug.hr.
Реакција на неодамнешните апсења
Хакерите ја објавија пораката на дарк веб-форум, потврдувајќи дека се уште се активни, и покрај неодамнешните медиумски извештаи за нивно потиснување и апсење. Групата ИНФ тврди дека неодамна уапсениот српски државјанин не е нивен член ниту е одговорен за нападите врз хрватските институции.
Тие наведуваат дека одлучиле да ги споделат податоците бесплатно, наместо да ги продаваат и потегот го нарекуваат одмазда за апсењето на лице за кое велат дека нема врска со нивните активности. За овој инцидент засега нема реакција од хрватските власти.

„Објавени податоци за 86.000 лица“
Објавената база содржи лични податоци за вкупно 86.000 физички лица. Хакерите наведуваат дека додале 26.000 нови во постарата база на податоци од околу 60.000 записи. Меѓу компромитираните податоци се имиња и презимиња, матични броеви (ОИБ), датуми на раѓање и единствени матични броеви на граѓани (ЈМБГ).
Во исто време, групата истакнува дека ЈМБГ сè уште се користи внатрешно во хрватските правосудни системи. Во своето соопштение директна порака испрати и ИНФ Груп.
„Тука сме, активни сме и доаѓаме по се што ви е драго. Хрватска ќе не памети“, порачаа од групата и иронично ја завршија објавата со „Поздрав! <3“.
Групата ИНФ веќе ги нападна хрватските сајтови
Групата ИНФ е веќе позната по нападите врз хрватските институции. Таа во мај ја презеде одговорноста за упадот на веб-страницата на Министерството за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика, на која се појави пораката „Смрт за усташите, да живее Велика Србија“.
Министерството тогаш соопшти дека нападот бил ограничен на веб-страницата и дека личните податоци и бази на податоци не се загрозени. Истата група тогаш беше поврзана со пораките што се појавија на екраните во белградскиот јавен превоз.






