Активисти за заштита на животните денеска попладне презедоа повредена срна која беше прегазена и оставена на патот Кичево – Демир Хисар, во близина на селото Железнец. По алармантните објави на социјалните мрежи и барањето итна поддршка од ветеринарни служби, животното во тешка состојба е ставено во возило и се превезува кон ветеринарна клиника каде што треба да му биде пружена соодветна медицинска помош.
Повреденото животно првично беше забележано како лежи неподвижно на коловозот, откако врз него налетало патничко возило чиј возач го напуштил местото на настанот. Патниот правец што ги поврзува Демир Хисар и Кичево преку Сопотница важи за делница со помал интензитет на сообраќај, но е добро познат по тоа што често го претрчуваат диви животни од околните шуми.
По објавувањето на фотографиите и локацијата во групите за заштита на животните на Фејсбук, започна координација меѓу граѓаните и активистите за да се пронајде дежурен ветеринар од Кичево, Прилеп или Битола.
Според последните информации објавени од организацијата „Animal Voice“, срната е успешно преземена од терен, хоспитализацијата е во тек, а дополнителни информации за нејзината здравствена состојба ќе соопштат по прегледите.






