Сотир Лукровски е дел од ВМРО-ДПМНЕ од самото основање на партијата, но неговата активност прекинува во 1998 година, кога почнал да работи во реалниот сектор. На претстојните локални избори, тој настапува како кандидат на оваа партија за градоначалник на Карпош. Во интервју за „Фокус“, Лукровски зборува како дошло до неговата градоначалничка кандидатура и кои се неговите главни програмски ветувања, како го оценува долгогодишното управување на општината од страна на Стевчо Јакимовски, какви се неговите релации со премиерот Христијан Мицкоски…?
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Како течеше постапката во чии рамки бевте избран за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Карпош, имајќи во предвид дека досега не сте биле политички активен, ниту на партиска и јавна функција, туку доаѓате од реалниот сектор?
Постапката беше целосно транспарентна и се одвиваше преку консултации со партиските органи, локалните структури и граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ како за секој еден кандидат, така и за мене, се води од опсежни анализи и анкети, угледот на личноста во средината и професијата во која делува.
Мојата долгогодишна професионална кариера ја изградив во реалниот сектор, каде стекнав практично искуство во управување со големи проекти и решавање на сериозни економски прашања. Верувам дека токму тоа мое искуство и е потребно на Општина Карпош, која треба да прерасне во сериозна, ефикасна општина во функција на граѓаните.
Кандидатурата е резултат на заедничка визија – јас ја понудив иницијативата и професионалниот капацитет со кој располагам, а партијата ја препозна таа визија, како корисна за граѓаните на Карпош.
Дали досега сте биле на одреден начин ангажиран во ВМРО-ДПМНЕ, и ако е така – на кој начин, во кое својство и во кои периоди?
Што се однесува до мојата политичка активност, морам да кажам дека јас сум човек од партија од самото нејзино основање и сум бил активен до 1998 година, кога активно се зафатив со работа во приватниот сектор, но мојата поврзаност и идеологија од тогаш до денес е со ВМРО-ДПМНЕ и вредностите на кои почива партијата.
Сум член на партијата и активист од основањето до 1998 година. Потоа кога влегов во приватниот сектор поддржував иницијативи и проекти, како индивидуалец, а кои беа во интерес на граѓаните на локално ниво.
Ова е мој прв јавен ангажман, конципиран врз основа на јасна визија и мисија дека, со љубов и посветеност, силно верувам дека Карпош може да се движи напред – тоа е патоказот за развој на нашата урбана локална самоуправа. Општина во која ќе живеат безбедни и задоволни граѓани, а ќе се градат, развиваат и модернизираат успешни бизниси.
Во една прилика, кога имаше реакција од Општина Карпош кон Вас во врска со Вашите тврдења дека илјадници предмети за легализација се заглавени во фиока, од таму Ве нарекоа „другарот на Мицкоски“ и „личен кандидат на Мицкоски“. Како ги коментирате тие прозивки? Дали се познавате со премиерот и, ако е така – колку тоа познанство или пријателство влијаело врз вашата градоначалничка кандидатура?
Да, се познавам со Премиерот 30 години, го познавам и тој е исклучителен човек од кого може многу да се научи, горд сум што ми е другар. Сите оние што го познаваат Премиерот добро знаат дека кога станува збор за професионална работа тој не се води од лични релации, туку секогаш од најдоброто можно решение за секој ситуација. Кога некој би се обидел да искористи лично познанство со него за нешто, верувајте тоа повеќе ќе му штети, бидејќи во истиот момент оди во „аут“ во неговите очи.
Со што досега сте се занимавале во Вашата професионална кариера и колку и како тоа искуство планирате да го аплицирате во пракса доколку станете градоначалник на Карпош?
Во трката за освојување на позицијата градоначалник на Општина Карпош доаѓам од приватниот сектор, каде управував со тимови, водев проекти. Тоа искуство планирам да го применам и во управувањето со општината, преку ефикасна реорганизација на администрацијата, транспарентно користење на буџетот, рационално планирање на инфраструктурата и брзо решавање на проблемите на граѓаните.
Нема да дозволам предмети во фиока, нема да дозволам провизорност, се ќе се одвива како што законски треба. А секој оној кој ќе се дрзне да работи спротивно на закон, ќе биде санкциониран и милост нема да имам за никого. На Карпош му е преку глава од профитери кои последните 30 години го цицаат за сопствен ќар.
Бевте познат како активист за т.н. егејско прашање и добивте 3-годишна забрана за влез во Грција. Зошто поточно добивте таква забрана?
Забраната беше последица на моите јавни активности поврзани со заштитата на интересите на македонската заедница во регионот. Мојот став бил јасен, секогаш и секаде ќе стојам на страната на правдата и заштитата на интересите на македонските граѓани.
Каков резултат очекувате во Карпош и кого гледате и доживувате како главен или најопасен противник или конкурент – актуелниот градоначалник Јакимовски или кандидатката на СДСМ Мојсова?
Во фокусот на мојот интерес не се противкандидатите, туку решенијата кои имам да им ги понудам на граѓаните во претстојниот изборен процес. И јас и ВМРО-ДПМНЕ уживаме апсолутна доверба кај граѓаните, и нашиот фокус е како после изборите Карпош да биде чиста населба, уредена, со многу зелени површини, како Карпош да биде безбеден и со повеќе паркинг места, Карпош без кучиња скитници.
Ќе бидам целосно насочен кон креирање локална самоуправа во која компаниите ќе бидат не само двигател на економијата, туку и стратешки партнер на општината. Со позитивна енергија и добра организациска поставеност, општинската администрација ќе биде ставена во функција на сите категории на граѓани, без разлика на нивната возрасна или социјална структура.
Како го оценувате изминатиот 4-годишен мандат на Јакимовски и генерално неговото управување со Карпош? Кои позитивни, а кои негативни проекти и резултати може да ги издвоите?
Наместо визија и одговорно управување со општинската администрација, граѓаните на Карпош по завршувањето на четиригодишниот мандат на Јакимовски се соочуваат со серија од нерешени проблеми и отворени инфраструктурни прашања, кои сериозно ја блокираат функционалноста на нашата локална заедница.
Застојот во процесот на легализација на дивоградбите, занемарувањето на зелените површини и непланската урбанизација, создадоа дополнителен притисок врз инфраструктурата и значително го нарушија квалитетот на животот во општината.
Едновремено, изостанаа системски решенија за сообраќајниот хаос, унапредување на јавните услуги и обезбедување на одржлив развој. Досегашното неквалитетно и неефикасно управување со општината беше предизвик за мене да се кандидирам за градоначалник, уверен дека со моето знаење, капацитет и менаџерско искуство можам да обезбедам поодговорно, транспарентно и развојно раководење со локалните ресурси, какво што Карпош и неговите жители навистина заслужуваат.
Дополнително, Јакимовски влезе со куп ветувања од кои нема реализирано ниту едно. Земете го, на пример, ветувањето за подземен паркинг во Лептокарија со најголемата фонтана која требаше да биде поставена на местото на сегашниот паркинг и нови фасади за зградите во населбата, од така најавуваниот проект од 4 милиони евра, знаете што има само? Има само ѓубре на паркингот изграден пред децении, ниту подземен паркинг видовме, ниту фонтана, ниту фасади.
Во една реченица кажано, многу зборови, многу популизам, а нула работа.
Каква визија Вие нудите и со каква програма ја барате довербата на жителите на Карпош? Кои се главните проекти што ги ветувате во инфраструктурата, урбанизмот, локалната економија, животната средина…?
Мојата визија за Карпош е јасна, прецизна и недвосмислена. Карпош може и мора да прерасне во современа, функционална и општина со чиста и уредена животна средина – урбано место, каде граѓаните ќе живеат подобро, а компаниите ќе растат посилно, создавајќи средина на развој, можности и заеднички успеси за денешните и идните генерации. За целосно заокружување на мојата мисија и визија за Карпош, би издвоил неколку проекти со кои ја барам довербата на гласачите.
Вистинско урбанистичко планирање: Воведување на стратешки и професионално разработени урбанистички решенија кои ќе стават ред во градежните активности, ќе спречат хаотична и непланска изградба, и секако ќе овозможат одржлив развој на општината, со баланс помеѓу инфраструктурата, зелените површини и потребите на граѓаните.
Модернизација на инфраструктурата: Сериозна реконструкција и надградба на сообраќајната и комуналната инфраструктура, која ќе обезбеди безбедно и удобно движење за пешаците и возилата, функционална канализација и чисти, уредени улици, како и организирани и функционални малски заедници.
Поддршка за локалната економија: Јакнење на локалните бизниси и малите претпријатија, кои се двигател на економскиот раст и создавач на нови работни места, со цел обезбедување на поквалитетен живот, стабилна економија и долгорочен развој на општината.
Заштита и развој на зелените површини: Одржување и унапредување на парковите, јавните градини и зелените површини, со цел Карпош да остане зелено срце на Скопје, простор за рекреација, одмор и зајакнување на квалитетот на животот на сите жители.
Дигитализација и транспарентност: Комплетна дигитализација на општинските услуги и воведување целосна транспарентност во работењето. Карпош ќе стане пример за модерна, професионална и одговорна локална администрација, која е во вистинска служба на граѓаните и нивните потреби.
5 нови монтажни паркинг гаражи и над 500 нови паркинг места:
-Монтажна катна гаража Млечен (80 нови паркинг места);
-Монтажна катна гаража Карпош 3 (110 нови паркинг места);
-Монтажна катна гаража Карпош 2 (150 нови паркинг места);
-Монтажна катна гаража Карпош 4 (150 нови паркинг места);
-Монтажна катна гаража Влае (70 нови паркинг места);
Решавање на проблемот со уличните кучиња: Тука ќе работам заедно со здруженијата за заштита на животните и ќе го донесеме најдоброто можно решение.
Еден од најголемите предизвици генерално е урбанизацијата. Во таа насока, може да се забележи интензивна градба во одредени делови на Карпош, каде мали смеејни куќи прераснуваат во згради, па дури и се градат висококатници на зелени површини, додека други делови, иако значително помали, имаат проблеми со водоснабдување, канализација и сл. Каков пристап ќе имате во овој сегмент?
Мојот пристап кон урбанизацијата на Општина Карпош ќе биде пред се интегриран и одговорен, насочен кон постигнување рамнотежа меѓу развојот и јавниот интерес. Ќе подготвиме детални и долгорочни урбанистички планови изработени во широка консултација со граѓаните, стручната јавност и невладиниот сектор. Ќе воведеме строга контрола врз секоја градежна активност за да се спречат злоупотреби и непланска градба, а пред да се издаде дозвола за нови објекти, ќе се обезбеди соодветна инфраструктура – водовод, канализација, улици и соодветен број на паркинг места.
Посебен акцент ќе ставиме на заштита и проширување на зелените површини, бидејќи Карпош мора да се развива во хармонија со природата, а не на најзина штета. Само така конципирана општина, може и ќе се развива на еколошки одржливо ниво, врз темелно обмислени економски проекции, која на карпошани ќе им овозможи поквалитетен живот, не само на сегашните генерации, туку и на нашите идни поколенија.
Во тој контекст, треба да се издвои просторот кај некогашната фабрика Алумина, каде се уште актуелниот градоначалник промовираше предлог-урбанистички план кој предвидуваше станбено-деловен комплекс со многу висококатници, но тој ДУП не доби поддршка од општинскиот совет. Исто така, неизградени површини покрај Илинденска, околу салата Борис Трајковски итн. веќе се во сопственост на приватни газди, кои веројатно чекаат урбанистички план кој ќе им овозможи да градат објекти. Во однос на тоа, какви ќе бидат вашите залагања – дали ќе се борите за урбанистички планови кои ќе бидат во интерес на малкумина моќници чиј интерес е профитот или пак ќе се залагате за јавниот интерес, интересот на граѓаните и нивното право на хумано живеење?
Јавниот интерес и правото на граѓаните на хумано живеење за мене како човек се апсолутен приоритет. Урбанистичките планови мора да бидат во согласност со реалните потреби на заедницата, со капацитетите на инфраструктурата и со заштитата на животната средина, а не во служба на профитот на поединци.
Карпош мора да се развива рамномерно, преку модерно дизајнирани улици, доволен број достапни паркинг-места, со изградба на современи училишта и детски градинки, со достоинствено уредени паркови и зеленило, какви што и прилегаат на една современа еколошки ориентирана општина.
Ве уверувам дека нема да дозволам профитот на малкумина да ја диктира иднината на општината. Напротив, за мене, секој план почнува и завршува со граѓаните – тие се силата и иднината на нашата општина.






