Собранието вечерва ги донесе Законот за изменување на Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, по скратена постапка и Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за Програмската рамка за подобрување на јавните расходи, отчетноста и даночната администрација во Северна Македонија, по скратена постапка.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски образложувајќи го предлог-законот за задолжување на Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за Програмската рамка за подобрување на јавните расходи, рече дека со него се затвора постојана заемска рамка од 20 милиони евра, и се отвора нова заемска рамка од 25 милиони евра, за подобрување на јавните расходи, отчетноста и даночната администрација.
-Целта на измените е продолжување и забрзување на реформите во управувањето на јавните финансии. Од 25-те, 23 милиони евра се обезбедуваат преку инструментот Програма за резултати, исто преку Светска банка, при што средствата ќе се повлекуваат само при исполнување на однапред утврдени мерливи, и проверливи резултати. Дополнителни два милиони евра се наменети за техничка помош, градење на институционални капацитети, управување со промените и координација на проектот, рече Јанкуловски.
За расправа се јави пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој забележа дека овој закон го нуделе и тие кога биле влада, а дека тогаш сегашната власт, но тогаш како опозиција упатувала остри критики, велејќи, меѓудругото „дека ако за претходните години било карактеристично: нов ден – ново задолжување, сега имаме: нов час – ново задолжување“.
-И тогаш беше кажано дека ваков закон е апсолутно потребен и дека треба што поскоро да се спроведе. За тоа постојано се зборуваше од оваа говорница, а истото го посочуваше и експертската јавност…Ние планиравме тоа да го изведеме со 19 милиони евра, денес планирате истото да го реализирате со 23 милиони евра – односно околу 25 проценти повеќе. Дополнително, ако тогаш беше планирано проектот да се реализира според процедурите на Светската банка, денес велите дека тоа ќе се направи според Законот за јавни набавки. За оние што ја познаваат оваа област, јасно е дека процедурите на Законот за јавни набавки во Република Македонија се под стандардите на Светската банка. Разликата, драги мои е во тоа што ние понудивме решение и ви оставивме решение. Вам ви беа потребни две години за да сфатите дека ќе ви требаат 25 проценти повеќе средства, без притоа да смените ниту една запирка во системите ИФМИС и во САМИС. Впрочем ИФМИС е Интегриран финансиски менаџмент информациски систем, а САМИС е Информациски систем за управување со државната помош, кој вропчем ќе ги дигитализира процесите во институциите. Нема ништо ново, освен што цената е за 25 проценти повисока – рече Битиќи.
Основно начело врз основа на кое се заснова Законот за изменување на Законот за задолжувањето на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, е откажување на неискористениот дел од заемот во износ од 19,2 милиони евра. Оттука, како што се посочува, Република Северна Македонија и Светската банка ќе склучат амандман на договорот за заем, со кој е предвидено откажување на неискористениот дел од заемот во износ од 19,2 милиони евра.
Целта на Законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за програмската рамка за подобрување на јавните расходи, отчетноста и даночната администрација во Северна Македонија е спроведување реформи во областа на управувањето со јавните финансии, со цел модернизација на системите за буџетирање, сметководство, надзор на државната помош и администрирање на даноци во согласност со новиот Закон за буџетот и програмата за управувањето со јавните финансии 2025 – 2028 и реформска програма на Управата за јавни приходи 2025 – 2028 година – „Транзиција во дигиталниот свет“. Вкупниот износ на заемот што ќе го додели Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка изнесува 25 милиони евра, а рокот на отплата на заемот е 12 години, со вклучен грејс-период од 3 години и каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон. Заемот ќе се отплаќа во 18 полугодишни рати, кои пристигнуваат за плаќање на 15 јануари и 15 јули секоја година.
Собрание потоа ја продолжи 120. седница, во рамки на која ги усвои Завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година, Законот за изменување на Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за Железничкиот коридор VIII – фаза 3, делница од Крива Паланка до граница со Република Бугарија, по скратена постапка, како и Законот за изменување на Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската инвестициона банка по финансискиот Договор за Железничкиот коридор VIII – источна делница МК, делница Крива Паланка – граница меѓу Северна Македонија и Бугарија, исто така по скратена постапка.






