Собранието вечерва на продолжение на 67. седница го усвои Законот за средно полициско училиште, со што се воспоставува правна рамка за основање и функционирање на оваа образовна институција за идни полициски службеници. Законот беше изгласан со Бадентерово мнозинство, а расправата околу него заврши претходно.
Според Законот, средното полициско училиште ќе функционира во рамки на сегашниот Центар за обука во Идризово, согласно новиот Закон за внатрешни работи – Полициска академија. Образованието ќе трае две години, односно ќе ги покрива третата и четвртата година средно образование. Кандидатите кои успешно ја завршиле првата и втората година средно образование ќе можат да се пријават на објавен конкурс и, доколку ги исполнуваат предвидените услови, да го продолжат своето образование во средното полициско училиште.
Покрај тоа, Министерството за внатрешни работи ќе има можност паралелно да ја спроведува и досегашната основна обука за полицаец, која трае една година.
Во образложението на законот се наведува дека анализите од досегашната практика и искуствата од земји како Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Чешка покажуваат дека средното полициско образование, иако произведува помал број на кадар, обезбедува поголем квалитет. Образованието на помлади кандидати, на возраст од 15 до 16 години, овозможува подолготрајна подготовка во споредба со сегашната обука за полициски службеници на возраст од 18 до 25 години.
Последната генерација ученици во Средното полициско училиште заврши во 2000 година, а со примената на новиот закон ќе започне 25-та генерација.







