Јавното претпријатие „Водовод“ – Куманово упати апел до граѓаните за рационална потрошувачка на вода од водоснабдителниот систем на градот.
– Во услови на зголемена температура во летниот период, потрошувачката на вода значително се зголемува како резултат на нерационално и несовесно користење на водата од водоснабдителниот систем на градот. Поради ова и ваква потрошувачка, се јавува недостиг на вода и намален притисок во повисоките делови од градот, посебно во вечерните часови, и затоа се апелира до граѓаните да не ја користат водата за пиење за полевање бавчи, за миење дворови, за перење коли и слично. Со оглед на тоа дека допрва следува повисока температура, ваквиот начин на користење на водата сигурно ќе ги зголеми проблемите кај одредени корисници на водата од водоснабдителниот систем на градот – предупредуваат од ЈП „Водовод“ – Куманово.
Од претпријатието додаваат дека со рационално користење на водата, за нејзината предвидена намена ќе се придонесе да има доволно вода и притисок и кај граѓаните кај кои се јавува проблем.
– ЈП „Водовод“ ги има вклучено сите ресурси за водоснабдување и сите се користат максимално за да се одржи квалитетно водоснабдување за граѓаните – јасни се од претпријатието.
Притоа ги замолуваат граѓаните со своето учество да придонесат во што поквалитетно водоснабдување на градот.
Воедно, ги известуваат граѓаните дека ќе ги зголемат и ќе ги засилат контролите за детектирање на неовластено користење на водата од водоводниот систем на градот.








