Евровизиската ѕвезда и сплитска пејачка, Данијела Мартиновиќ, повторно ќе гостува кај нас, во Македонија. Таа има закажано концерт за 12 април, во Битола. Таа многу му се радува за тој концерт, бидејќи одамна не пеела во Градот под Пелистер, а има и желба да се прошета по битолскиот Широк сокак. Си вети дека дотогаш сигурно ќе ја научи македонската народна песна „Битола мој роден крај, јас те сакам, за тебе пеам…“ Сака да ја запее со сите, но не ветува стопроцентно. Има преголема желба, иако признава дека македонскиот јазик малку потешко ѝ оди за пеење.
Сè уште згодната Данијела, која ние тука нагалено ја викаме Данче, се пофали дека има нова, голема куќа, која има голем двор со цвеќиња и која се наоѓа во околината на Загреб. Куќата изобилува со природна дневна светлина поради големиот број прозорци наместо големи ѕидови.
– Мојата нова куќа ја впива целата убавина од околината – природа полна со зеленило. Дали, драги мои, мојата куќа ви дава инспирација подобро да се чувствувате? – прашува Данијела преку социјалните мрежи.
Наместо одговор од обожавателите, таа доби контрапрашање. Тие ја прашуваат како ѝ е во врската со Јосип Плавиќ, со кого е веќе три години, а по раскинувањето со популарниот Петар Грашо.
– Јас сум прилично затворена кога станува збор за мојот интимен живот. Не треба никој да ми се лути за тоа. Сакам да постои ред во сè, а со тоа и во приватниот живот. Така е и со вселувањето во куќата. Не знам кога точно ќе се вселиме јас и Јосип. Не сакам така. Ако е кажано тогаш и тогаш, треба да биде. Ама нема да биде вселувањето до тој датум. Затоа сум малку нервозна. Како што се одвиваат работите сега, нема да се случи тоа ни до почетокот на летото. Тогаш ќе имам најмногу работа, настапи покрај јадранскиот брег. Нема да стигнам да си ја средам куќата според мојата замисла. Значи, ќе ме фати дури доцна есен додека да почнам да уживам во мојот нов дом – раскажа Данијела.
А, ние со голема желба едвај чекаме да ја слушаме Данче во Битола, повторно да нè расположи, во живо, со своите хитови: „То мало љубави“, „Бродолом“, „Волим барабу“, „Плеши са мном“, „Зовем те ја“, „Све што срце пожели“, „Једну за љубав“ и, секако, оној мегахит од Песна на Евровизија – „Нека ми не сване“.








