HomeМакедонијаСкрининг на хартија, рак во реалност – поразителни бројки за раното откривање

Скрининг на хартија, рак во реалност – поразителни бројки за раното откривање

- Advertisement -spot_img

Во пресрет на Светскиот ден на здравјето, ревизорскиот извештај за програмите за рана детекција на малигни заболувања открива сериозни слабости во системот, укажувајќи дека и покрај долгогодишното спроведување, тие не обезбедуваат доволна покриеност на населението, ниту навремена дијагностика.

Анализата на Државниот завод за ревизија покажува дека опфатот на скринингот за рак на дојка се движи од само 0,8 до 5,4 проценти, додека кај ракот на грлото на матката – од 10,3 до 15,5 проценти од целната популација, што е значително под европските препораки и не овозможува реален ефект во раното откривање на болеста. Иако во периодот од 2021 до 2024 година се реализирани околу 20.946 мамографии и над 130.000 ПАП-тестови, ревизијата укажува дека ваквиот обем на активности не е доволен за системско намалување на морталитетот.

Податоците дополнително алармираат дека кај повеќе од 80 проценти од пациентките со рак, лекувањето започнува во подоцнежните стадиуми, што значи дека болеста најчесто не се открива навреме, како што е целта на скрининг-програмите.

Дополнително, целите најчесто се насочени кон бројот на извршени прегледи наместо кон ефектите врз здравјето на населението. Како сериозен проблем се наведува и недостигот на целосни податоци, односно нема систем за следење колку жени добиле покана за скрининг и колку од нив се одзвале, а информациските системи не овозможуваат поврзано и континуирано следење.

Промотивните активности не се спроведуваат доволно, што влијае врз информираноста и мотивацијата на жените. Дополнителен предизвик претставува и навременоста на дијагностиката, при што резултатите од мамографските прегледи се издаваат во просек по околу 25 дена, а во дел од случаите и по повеќе од 60 дена, додека кај ПАП-тестовите има доцнење во резултатите на повеќе од месец.

Ревизијата укажува и на проблеми во понатамошното постапување, особено кај пациентките со сомнителни наоди, каде што ограничените кадровски и организациски капацитети влијаат врз динамиката на дополнителните испитувања и третманот. Истовремено, не е обезбедена целосна следливост на пациентките, бидејќи дел од нив продолжуваат со лекувањето во приватниот сектор, што доведува до „губење“ на податоците и оневозможува реална процена на ефектите од скрининг-програмите.

Ревизорите констатираат и дека не постои сеопфатна нормативна и стратешка рамка што јасно ги дефинира улогите на институциите, а недостигот и нерамномерната распределба на кадар, особено во радиологијата, цитологијата и патологијата, претставуваат дополнителен ризик за квалитетно спроведување на скринингот. Воедно, опремата и инфраструктурата не се рамномерно распределени, а информациските системи не овозможуваат целосна размена на податоци, што го отежнува управувањето со програмите.

Заклучокот на ревизијата е дека со постојниот начин на спроведување не може да се обезбеди значајно рано откривање на малигните заболувања, ниту намалување на смртноста, поради што се препорачуваат воспоставување јасна стратешка рамка, подобра координација, континуирани промотивни активности и интегриран систем за следење на резултатите. (П. А.)

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img