Група од десетина луѓе и фирми испумпала 6,5 милиони евра од државниот буџет преку даночно затајување, измама и перење пари преку злоупотреба на службената положба, информира Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Организатори на групата биле првообвинетиот – српски државјанин, кој е сопственик и управител на две од обвинетите фирми и двајца службеници од Регионална дирекција на УЈП – Скопје, соопшти ОЈО ГОКК.
Јавен обвинител до судот достави Обвинителен акт против 10 лица и Обвинителен предлог против уште 11 физички и 4 правни лица. Според сооопштението, групата била формирана во текот на 2023 година, а во периодот до 2025 година се приклучиле и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и во Гевгелија.
„Двајцата службеници вработени во УЈП, давајќи му совети и упатства и отстранувајќи ги пречките за извршувањето, со умисла му помогнале во извршување на кривичното дело Даночно затајување. На тој начин во име и за сметка на кривично одговорните правни лица, првообвинетиот не пресметал и не платил данок од значителна вредност во вкупен износ од 16.782/519 денари“, се вели во соопштението.








