Бројот на жртви во Либан од разорните израелски напади се искачи на 254, а повредени се 1.165 лица, објави денес либанското Министерство за здравство.
Во последните три до четири часа, сирените на брзата помош континуирано одекнуваат низ Бејрут, изјави за „Ал Џезира“ координаторот за хуманитарни прашања на ОН во Либан, Имран Риза.
„Во овој момент, во центарот на градот, слушнавме уште една многу гласна експлозија, а потоа добив информација дека е погодена уште една многу населена населба, па какви и да се сегашните бројки, тие веројатно ќе бидат значително повисоки“, рече тој.
Здравствениот систем на Либан е силно погоден од низа кризи, а земјата нема „институционална сила“ за справување со израелските напади, рече Риза.
„Многу од овие напади се случуваат во многу густо населени области… понекогаш има наредби за евакуација, понекогаш не“, рече тој, нагласувајќи дека ова создава „чувство на страв и паника и кај локалното население и кај раселените“.
Израелската војска утрово го спроведе својот најсилен бран воздушни напади врз јужен Либан, погодувајќи 100 цели во рок од 10 минути, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Според ИДФ, целите на нападите во Бејрут, долината Бека и јужен Либан вклучувале командни центри на Хезболах и друга воена инфраструктура, објави претходно „Тајмс оф Израел“.
ИДФ соопшти дека повеќето од објектите се наоѓаат „во срцето на цивилното население, како дел од циничното злоупотребување на либанските цивили од страна на Хезболах како човечки штитови за заштита на своите операции“.
Најновата ескалација во деценискиот конфликт меѓу Хезболах и Израел избувна кога групата испука ракети врз Израел, како одговор на атентатот врз иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи во почетната фаза од војната, како и поради речиси секојдневните израелски напади врз Либан и покрај прекинот на огнот договорен во ноември 2024 година.








