Синдикалната организација на јавните обвинителства реагира на Предлог-законот за јавнообвинителска служба, предупредувајќи дека изменетата верзија која е доставена во Собранието не ги содржи решенијата што биле договорени во работната група.
Маја Петрова, советник-портпарол и заменик-претседател на Синдикалната организација, во име на околу 350 вработени во службата изрази незадоволство и посочи дека дел од суштинските предлози биле отстранети без знаење на членовите кои учествувале во подготовката на законот.
Според неа, финалниот текст објавен во собраниска процедура се разликува од верзијата на која работела групата експерти, а членовите немале можност да ја разгледаат последната изменета верзија.
Од Синдикатот сметаат дека предложените решенија не ја препознаваат специфичноста на работата во јавното обвинителство, туку ја приближуваат службата до класичниот административен модел.
„Јавното обвинителство не може да се третира како обична администрација. Вработените работат со кривични предмети, докази, истраги и чувствителни информации кои се директно поврзани со функционирањето на правосудниот систем“, посочи Петрова.
Особено внимание привлекува воведувањето на категоријата „државни службеници“ во рамки на службата, што според синдикатот може да создаде поделби меѓу вработените кои работат во ист систем и со иста цел.
Критики има и за делот поврзан со кариерниот развој и материјалните права. Синдикатот наведува дека решенијата за напредување, платните коефициенти и додатоците за задржување на кадарот биле отстранети од конечниот текст.
Меѓу забелешките се и новиот начин на избор на раководни позиции, каде наместо внатрешно напредување на искусни кадри, би се применувале јавни огласи.
„Без стручните служби нема ефикасно обвинителство. Секој дел од системот има важна улога – од записничари и архивари до информатичари и истражители“, порача Петрова.
Синдикатот предупредува и на можни проблеми поради паралелното разгледување на два закони поврзани со обвинителството, оценувајќи дека недоволната усогласеност може да предизвика правна несигурност и различни толкувања.
Од организацијата велат дека не бараат повлекување на законот, туку негово суштинско подобрување преку амандмани и ги повикаа пратениците внимателно да ги разгледаат предложените решенија.
Според нив, одлуките што ќе бидат донесени ќе имаат долгорочно влијание врз иднината на јавнообвинителската служба и нејзината ефикасност.








