Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека е добро лидерите на партиите понекогаш да се сретнат отколку да разговараат со посредници.
Таа оценува дека по неодамнешната лидерска средба сите „биле релаксирани и уверени дека следниот чекор ќе биде уште подобар“, но оти таму требало да биде и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче.
Време е, според неа, лидерите да седнат и да креираат решенија за Изборниот законик, но не на крајот на мандатот, туку на почетокот и не само за изборната единица.
Сиљановска смета дека не е добро сега да има предвремени парламентарни избори бидејќи, како што посочува, имаме многу сериозни проблеми почнати за извршување и оти е добро да се завршат некои од нив.
-Како професорка како и многу други мои колеги би рекла дека лидерските средби ги јакнат лидерите, но ги слабеат институциите, но во поделено општество како што е нашето и во рамки на консоцијативната демократија што ја вградивме не само во праксата туку и во Уставот добро е понекогаш да се сретнат.
Многу подобро одошто да разговараат со посредници, амбиентот е поинаков, луѓето се однесуваат поинаку. И тогаш кога се надвор од очите на јавноста успеваат да бидат поприродни. Резулатот го видовме, сите беа релаксирани уверени дека следниот чекор ќе биде уште подобар. Мислам дека недостигаше и требаше таму да биде лидерот на опозицијата Венко Филипче – рече Сиљановска на Сител.
Прашана за став дали е за укинување на техничката Влада, рече дека „имаме препартиска изборна влада во која седат најоданите партиски луѓе, која и покрај тоа што функционира нема уставен основ“.
-Да, постојат технички влади, тие се формираат или во амбиент на кризи, пред избори, редовно се или експертски, составени од професори, на чело на Владата е екперт или бирократи. Нашата влада се вика техничка, но нема ништо техничко во неа. Техничкото секогаш се врзува за стручност и комптенетност а никогаш не за партиска припадност.
Ние имаме препартиска изборна влада, морам да кажам дека и покрај тоа што функционира нема уставен основ. Во Уставот во делот за влада нема да најдете никаде дека има преодна или техничка влада. Кога реков препартиска мислев на структурата, обично внатре седат најоданите партиски луѓе и она што ја прави интересна за проучување и за критика – рече таа.








