Италијанскиот регулатор за заштита на конкуренцијата и потрошувачите отвори истрага против шпанската нискобуџетна авиокомпанија „Волотеа“ поради сомнежи дека неправедно им наплатувала дополнителни трошоци на патниците по веќе купени авионски билети.
Според наводите на регулаторот, компанијата вовела нова ценовна политика со која цената на билетите се усогласувала со растот на цената на горивото, поврзан со геополитичките тензии и конфликтот меѓу Иран и Израел.
Проблемот, според властите, е што патниците биле информирани за дополнителниот трошок дури по завршувањето на резервацијата и непосредно пред летот. Од нив било побарано да платат доплата од шест до 14 евра по патник за секој лет, во зависност од движењето на цената на нафтата на светските пазари.
На патниците им било понудено бесплатно да го променат летот или да ја откажат резервацијата, но средствата не им биле враќани во готово, туку преку ваучер за идни патувања со компанијата. Доколку одбиеле да ја платат дополнителната сума, нивната резервација била поништена без можност за паричен поврат.
Италијанскиот регулатор оценува дека ваквата практика може да ги доведе потрошувачите во заблуда, бидејќи одлуката за купување ја носеле врз основа на цена која подоцна еднострано била изменета.
Покрај истрагата, започната е и постапка за воведување привремени мерки со кои би се спречило понатамошно еднострано зголемување на цените по купувањето на билетите.
Слични критики претходно упати и шпанското здружение за заштита на потрошувачите „Факуа“, кое побара дополнителна проверка на ценовната политика на авиокомпанијата. Од „Волотеа“ засега нема официјален коментар за случајот.








