До 22:00 часот вечерва на територијата на Македонија се евидентирани седум активни пожари, информираа надлежните служби.
Во Прилеп има пожар кај депонијата „Тризла Теке“ и се шири во три правци – кон Маркови Кули, кон преслапот кај црквата „Богородица“ и кон локалитетот Три Багреми.
Активен пожар има и во Општина Охрид, кај депонијата во Буково, како и во Општина Крушево, во атарот на селото Јакреново, каде гори ниска вегетација.
Во Општина Кавадарци се регистрирани два активни пожари – помеѓу селата Раец и Ќесендре, каде е зафатена нискостеблеста шума и сува трева, како и кај Камен Дол, во близина на каменоломот „Градба промет“, каде гори ниска вегетација.
Пожари има и во Општина Росоман, кај селото Сирково, како и во Општина Карбинци, помеѓу селата Карбинци и Балван, каде исто така е зафатена ниска вегетација.
Надлежните служби и пожарникарските екипи се на терен и работат на локализирање и гаснење на пожарите. Граѓаните се повикуваат на внимателност и да не палат оган на отворено, со цел да се спречат нови пожари.






