домаРегионСе урнаа три ката од седумкатница во Истанбул

Се урнаа три ката од седумкатница во Истанбул

- Advertisement -spot_img

Пет лица, меѓу кои и две деца, се спасени од урнатините откако рано утрово се урнале првите три ката од седумкатница во истанбулската населба Малтепе. Несреќата се случила околу 5:40 часот на улицата Догу во населбата Џевизли.

На местото веднаш биле испратени пожарникари, полиција, екипи на Управата за катастрофи и вонредни состојби (АФАД) и медицински тимови. Спасувачите најпрво ги евакуирале жителите кои останале во становите на повисоките, неоштетени катови, по што започнала потрагата по затрупани лица.

Утврдено е дека текстилната работилница во приземјето во моментот на уривањето била празна. Со помош на кучиња трагачи, спасувачките екипи од урнатините извлекле пет лица, кои биле пренесени во болница. За време на интервенцијата, на еден пожарникар му се слошило, по што и тој бил пренесен на медицинска помош.

Истанбулскиот гувернер Давут Ѓул изјави дека зградата била изградена во 1987 година и имала деловен простор во приземјето и шест станбени ката со вкупно 12 станови.

Според официјалните податоци, во зградата биле пријавени 33 лица. Уривањето погодило четири стана на првите три ката. Во нив биле пријавени 14 лица. Две лица во моментот не биле во Истанбул, пет се спасени, со четири лица е воспоставен контакт, додека по три лица продолжува потрагата.

Ѓул изјави дека никој од спасените не е во животна опасност. Тој додаде дека се проценува оти под урнатините може да има уште седум лица, но бројката не е конечна бидејќи во становите можело да има гости или жители кои во моментот не биле во објектот.

Поради опасност од дополнително уривање, спасувачите работат со зголемено внимание. Пожарната служба ангажирала 175 припадници со 56 возила и кучиња трагачи, додека АФАД учествува со 25 лица, пет возила и две кучиња. Полицијата ги затворила пристапните патишта и го обезбедила поширокото подрачје.

Од претпазливост биле евакуирани и околните згради, а за евакуираните жители АФАД обезбедил сместување во хотел.

Причината за уривањето сè уште се утврдува. Министерството за внатрешни работи назначило двајца управни инспектори кои треба да испитаат дали имало пропусти или одговорност на јавни службеници во постапките поврзани со планирањето, изградбата и подоцнежните измени на објектот.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img