Полицијата во Истра во четвртокот во 11:25 часот добила пријава за пад на мал авион во подрачјето на Медулин. Според првичните информации, леталото се урнало во областа Кампанож, ненаселена зона која се наоѓа на административната граница меѓу Пула и општина Медулин.
Хрватските медиуми неофицијално пренесуваат дека во несреќата има неколку загинати лица, но точниот број засега не е официјално потврден од надлежните институции.
Од полицијата соопштиле дека сите служби веднаш се упатиле на местото на настанот, вклучувајќи екипи од Итната медицинска помош, пожарникари и полициски службеници, кои преземаат мерки и активности во рамки на својата надлежност. Се работи на обезбедување на теренот и утврдување на околностите под кои се случила несреќата.
Според изјавата на полицискиот службеник за односи со јавноста, Ален Пачиќ, потврдено е дека има жртви во инцидентот, но засега не се изнесуваат прецизни детали за нивниот број и идентитет.
Хрватскиот портал „Истарски.хр“ објави дека неофицијалните информации укажуваат на бројка од околу 4 до 5 загинати лица, но овие податоци сè уште не се официјално потврдени.
Истрагата е во тек, а надлежните служби продолжуваат со увид на местото на падот со цел да се утврдат причините за трагичната авионска несреќа.








