Тетовчанецот Слободан Анѓелковски за Тетово инфо раскажа за својот тежок пат кон подобро здравје за што смета дека би било далеку подобро доколку не биле направени лекарски грешки. Во 2024 година му дијагностицирале канцер на дебело црево. Следувале хемотерапија но и три операции. Тој се спасил од најлошата болест, но смета дека поради погрешните процени за операции потоа има и трајни проблеми со здравјето.
„На клиниката за онкологија во Скопје ми одредија 28 дена зрачење и хемотерапија со цитостатици. Кога завршив со зрачењето, со оглед дека запре крвавењето за неколку дена, онколог ми рече дека треба да се консултирам со хирург околу тоа дали треба може да се отстрани туморот од дебелото црево, вели Слободан, инаку роден 1976 година.
Следувале компјутерска томографија и колоноскопија кои биле изведени во Клиничка болница Тетово.
„Колоноскопијата покажа дека туморот се наоѓа на дебелото црево. Доктор во Клиничка болница Тетово ми рече дека е потребна итна операција и дека ќе се отстрани зафатениот дел од дебелото црево со тумор. Ми рече дека 90% дебелото црево ќе има нормална функција и дека нема да има потреба од кеса за измет. Според докторот, по отстранување на туморот од дебелото црево, тоа се спојува ласерски со тенкото црево. Ми рече дека ако не се совпаднат цревата, тогаш се става кеса за измет, вели Слободан.
Операцијата била направена на 30 декември 2024 година. Според Слободан, тогаш е направена Колостома, при што здрав дел од дебелото црево се извлекува по хируршки пат за да се прицврсти на стомачниот ѕид со цел човечки измет да завршува во кеса.
„Иако на колоноскопијата е утврдено дека нема тумор на ректумот, во текот на операцијата ми е извршена ампутација на ректумот без моја согласност или на моето семејство. Воедно, при операцијата ми е направена Колостома. Таа операција беше причина да два месеци имам болки, повраќања и преплет на црева, со честа потреба од интервенции на Итната медицинска помош. Сметам дека со операцијата е згрешено во дигестивниот систем затоа што од тогаш имам проблеми и со простатата со нарушено мокрење и други функции. Хирургот кој ме оперираше прво ме советуваше да најдам решение во Скопје, но по два месеци се согласи повторно да ми направи операција за да се утврди во што е проблемот, раскажува Анѓелковски.
На 24 февруари 2025 во Клиничка болница Тетово е извршена и втората операција.
„Со втората операција ми е поставена уште една кеса поради Илиостома. (н.з за тенко црево) Но по таа операција бев месец дека во шок-соба и ослабев 40 килограми. Воедно раната од хируршкиот зафат постојано ми лачи секрет и ми крвави. Иако докторот ми рече дека ќе се затвори раната за шест месеци, тоа не се случи до денешен ден и дека ќе може да се извади и Илиостома-та. Поминаа и повеќе од шест месеци и на осмиот месец докторот ми рече да се снаоѓам и прекина да комуницира“, вели соговорникот.
Потоа во октомври 2025 година, во болница во Скопје му е извршена и трета операција. Тамошен доктор прави зафат со кој се поврзува тенкото со дебело црево и со тоа е отстранета Илиостомата. Од друга страна, раната на стомакот и понатаму не зараснува. Со оглед на ваквата здравствена состојба, тој бил прогласен дека 91% е инвалидно лице и не може да работи, па стекнал инвалидска пензија на неполни 50 години.
„Главниот проблем е што наместо еднаш-два пати во текот на денот, со измет ми се полни кесата за Колостома и по шест-седум пати. Фактички не можам да заздравам, што и да јадам излегува низ кесата. Од 100 килограми, ослабев дури 40 килограми имам 60“, вели Слободан.
За искажаните ставови на Слободан, побаравме одговор од Клиничка болница Тетово.
„Наводите на Слободан Анѓелковски сè уште се во фаза на проверка и на утврдување на факти, на начин, во постапки до органи утврдени и овластени со закон. По добивање на конечните сознанија и завршување на потребните процедури за проверка на предметни наводи, ЈЗУ Клиничка болница Тетово ќе може да заземе став и истиот да го соопшти“, се вели во одговорот на ЈЗУ Клиничка болница Тетово.








