15.8 C
Skopje
15 November, 2025

Мапа

независен информативен портал
spot_img
HomeМакедонијаСе погласни најави за проширување на мнозинството: Дали новиот субјект на Села...

Се погласни најави за проширување на мнозинството: Дали новиот субјект на Села ќе влезе во Владата?

- Advertisement -spot_img

Откако Меџити навести можност за проширување на парламентарното мнозинство со пратеници од коалицијата НАИ предводена од ДУИ, при што ја посочи структурата на Села, која, како што објави „Фокус“, неодамна регистрираше нов политички субјект, и премиерот Мицкоски изрази надеж дека ќе се прегрупираат силите во Парламентот.

„Се надевам дека дел од силите во парламентот ќе се прегрупираат во периодот што следува“, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш откако заврши гласањето во вториот круг од локалните избори, одговарајќи на прашањето дали по убедливата изборна победа размислува за вонредни парламентарни избори, со цел власта да обезбеди контрола врз Бадентеровото мнозинство, т.е. како во спротивно ќе владее без Бадентер?

Всушност, оваа изјава на Мицкоски е на иста линија со она што меѓу двата изборни круга го кажа еден од лидерите на ВЛЕН и старо-нов градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој поточно истакна дека постои голема разочарност во спротивниот табор на НАИ, поради што тој очекува блокот на ДУИ да се распадне, а ДУИ да заврши како ПДП.

Според него, влезот на Арбен Таравари во НАИ, кој ги напушти ВЛЕН и Владата и се пресели во фронтот на ДУИ, не ги дал потребните резултати. Притоа, Меџити наведе дека постои комуникација со пратеници од НАИ и патем не ја исклучи можноста другото крило на Алијанса за Албанците, на чело со Зијадин Села, да влезе во Владата.

–Ќе видиме како ќе се развиваат работите. Според резултатите, очекувам НАИ да се распадне и да има нови политички движења… Не ја исклучувам можноста тој (Села) да стане дел од Владата. Сите ние комуницираме. Толку е измешана политичката сцена, има толку многу турбуленции откако се формираа овие два блока и мислам дека ќе има уште турбуленции се додека не дојде до вистинскиот исход – изјави Меџити.

Арно ама, експресно реагираше Села, кој порача дека нема намера да се пресели во власта, туку дека останува опозиционер. Односно, тој нагласи дека ќе продолжи да си „има работа“ со власта на ВМРО и ВЛЕН во парламентот, но не како партнери „рамо до рамо“, но како противници „лице во лице“.

„Вистината секогаш е чиста и неизмешана, таа е една – не може да биде две или повеќе. А таа вистина звучи вака. Изет, ти во комуникација со мене? Не. Јас дел од власта? Не. Јас на страната на тие што сакаат да ни ги укинат правата како народ? Не. Уште еднаш повторувам, ги мерам моите достигнувања во политиката според тоа колку сум придонел за тоа Албанците да бидат порамноправни, а не според привилегиите на власта“, напиша Села.

Во оваа порака, тој потенцира дека нема комуникација со Меџити. Сепак, за потсетување, кога актуелна беше преселбата на Таравари од власта кон опозицијата, тој во една прилика јавно рече дека прифатил канал за комуникација со ВЛЕН во однос на можноста да го засили мнозинството. Но, како што рече, тогаш порачал дека не ги продава принципите за неколку функционерски места.

Неофицијалните информации одат во насока дека Села долг период има канали на комуникација со власта, главно со ВМРО-ДПМНЕ. Она што може да биде проблем за евентуална официјална соработка меѓу двете страни е доколку тој по секоја цена опстои на барањето за уставни измени со цел почеток на преговорите со ЕУ, како и други услови за да стане нов партнер на Илинденска.

Неодамна, „Фокус“ објави дека таборот на Села регистрирал нов политички субјект, поради судскиот ќорсокак за печатот на Алијанса со Таравари. Имено, називот на овој субјект гласи Албански сојуз, кој, според партиски извори, приврзаниците на Села не го основале како политички проект, туку станува збор за техничка операција, за да ги регистрираат советниците и да користат одредени законски можности, како државно финансирање.

Во меѓувреме, судската битка за печатот на АА продолжува, но додека не заврши печатот е кај Таравари, кој моментално има двајца пратеници (Ријад Шаќири и Садик Сулејмани), бидејќи двајца одлучија да не го следат откако тој одлучи да се здружи со ДУИ. Села, пак, има четири пратеници (Села плус Елми Азири, Илир Демири и Илире Даути), што го прави многу поатрактивен за власта во контекст на Бадентерот.

Инаку, едно од можните сценарија што се анализираа пред изборите е дали по овие локални избори ќе има предвремени парламентарни избори, кои би биле предизвикани од убедливата победа на НАИ над ВЛЕН. Па, анализите одеа во насока дали изборната победа или победите на НАИ целосно ќе го делегитимираат ВЛЕН и ќе го принудат ВМРО-ДПМНЕ да формира влада со нив, или, пак, при изострена битка и ВМРО-ДПМНЕ ќе освои голем број пратеници на евентуални вонредни избори, по што ќе формира влада со сите против ДУИ и Левица?

Меѓутоа, по ваквиот исход на локалните избори веќе се чини дека предвремените парламентарни избори се надвор од игра, барем како резултат на притисок од ДУИ. Сега, владејачките ВМРО и ВЛЕН имаат интерес да размислуваат преку брзи избори да го искористат овој анти-ДУИ бран и да му зададат завршен удар на Али Ахмети. Но, судејќи според сите пораки, ќе нема избори, што значи дека власта ќе работи на подигнување на сопствениот рејтинг и паралелно со тоа ќе ги чека разврските во НАИ и ДУИ.

Дел од аналитичарите сметаат дека НАИ ќе влезе во фаза на раслојување, со тоа што во прв момент ќе има трка меѓу Таравари и Села кој прв да се приклучи кон Владата. Од една страна, Таравари и при заминувањето му порача на Мицкоски дека останува отворен за соработка согласно јавниот интерес. Сепак, на Илинденска тешко може да му го простат последниот лупинг на Таравари, поради што веројатно погледите ќе им бидат свртени кон Села, кој, пак, со влезот во власта може да ја рехабилитира партиската структура по поразите во Струга, Дебар и Арачиново.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img