Стариот земјен пат на Пелистер, кој потекнува од периодот на Првата светска војна, треба повторно да биде ставен во функција и да стане нова пешачка и велосипедска рута што ќе ги поврзе Големото Езеро и Брајчино во Преспа.
Станува збор за дел од поширок план на Националниот парк „Пелистер“ за подобрување на пристапот до планината, заштита од пожари и развој на еко и активниот туризам.
Со возобновувањето на стариот француски пат, од инфо-центарот на Пелистер до Преспа би се добила патека долга околу 40 километри. Иако нејзината примарна намена ќе биде противпожарна заштита, патот ќе може да го користат и пешаци и велосипедисти.
„Ќе се оствари сон на многу генерации за поврзување на Брајчино со Големо Езеро. Тоа ќе биде пешачка и велосипедска патека“, вели Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“.
Патот што води од битолската страна на планината кон Големото Езеро со години е во функција, но поради каменестиот терен, стрмните делници и гранитната структура на планината, движењето по него е предизвик дури и за теренски возила.
Националниот парк веќе расчистил дел од коловозот од камења и вегетација до месноста Широка, каде што е планирано и обновување на ловечката куќа.
Возобновувањето на патот е дел од десетгодишната програма за заштита на Пелистер од пожари, но од управата очекуваат проектот истовремено да отвори нови можности за туристички развој.
Патеката ќе минува низ делови од Пелистер кои нудат поглед кон Преспанското Езеро од едната и кон Пелагониската Котлина од другата страна. Со тоа, старата воена траса треба да добие нова функција повеќе од еден век по нејзината изградба.
Дополнителен потенцијал за развој на регионот се очекува и со планираното отворање на граничниот премин Маркова Нога во 2028 година, со што би можела да се создаде поширока регионална туристичка рута меѓу Пелистер, Преспа и соседните области.
Се обновува патот од Првата светска војна на Пелистер, ќе ги поврзе Големото Езеро и Брајчино






