На денешното продолжение од судењето за предметот „Онкологија 2“ во скопски Кривичен суд, одбраната приговараше на доказите што ги презентираше Обвинителството, оценувајќи дека станува збор за незаверени копии без доказна вредност. Воедно, побара укинување на притворот за двајцата обвинети ексдиректори на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) и негова замена со домашен притвор, како и повлекување на паричната казна за адвокатката Анита Бегова.
Откако, по одлука на Судечкиот совет, јавниот обвинител започна со читање на доказите од архивските папки, адвокатката Бегова приговараше за нивната автентичност, посочувајќи дека не ги исполнуваат законските услови предвидени во Законот за кривична постапка.
– Сите докази се доставени во копија, а дел од нив немаат соодветна заверка – недостигаат печат на институцијата и потпис на овластено лице, што значи дека немаат доказна вредност, бидејќи ЗКП утврдува дека тие мора да бидат во оригинал или заверена копија со верно на оригиналот и печат на институцијата што го издала документот во оригинал ја потврдува неговата веродостојност – истакна Бегова.
Според закон, таа нагласи дека материјалните докази треба да се доставуваат во оригинал или како заверени копии, а користењето незаверени документи, според неа, би претставувало суштествена повреда на кривичната постапка.
Претходно, на почетокот од главната расправа, одбраната на обвинетите ги изнесе своите барања пред Судот во однос на мерките за обезбедување присуство и на процесуалните казни. Бранителката на второобвинетиот, адвокатката Бегова, побара од Судот да ги повлече решенијата за нејзино казнување од 500 евра и за назначување бранител по службена должност, оценувајќи ги како повреда на нејзините права.
– Моето напуштање на јавната расправа беше во насока да се зачуваат мојот професионален интегритет и интегритетот на адвокатурата, како јавна професија утврдена со устав. Тоа што навел Судот во решението за казнување дека ќе се обрати до претседателот на Судот за назначување адвокат по службена должност, иако јас немам откажано полномошно, ниту, пак, ми е откажано полномошното од мојот клиент, го разбирам како повреда на моите права како бранител и повреда на мојата уставна гаранција на претприемништво и заработувачка – истакна Бегова.
Второобвинетиот Нухи побара укинување на мерката ефективен притвор и замена со домашен притвор, наведувајќи дека му е потребно да ја подготви одбраната и да се грижи за семејството, како и дека нема намера да бега.
Бранителот на Васев, адвокатот Дељо Кадиев, истакна дека не се спори правото на одбрана и се приклучи кон барањата на одбраната.
Застапничката на обвинението остана на ставот дека материјалната документација е навремено и уредно доставена, а одлуката за притворот ја остави на Судот, посочувајќи дека ќе се произнесе дополнително доколку биде доставен предлогот во писмена форма.
Судијката нагласи дека нема да дозволи одолговлекување на постапката и одлучи доказите да се читаат во судница, бидејќи странките не постигнале согласност тие само да се внесат во записникот. Доказите ќе бидат достапни во судницата, но без можност за нивно разгледување надвор од расправата.
Во предметот „Онкологија 2“, Никола Васев и Нехад Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што, според обвинението, го оштетиле државниот буџет за околу 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината.








