Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, утрово учествуваше на координативен состанок во Општина Сарај, по поплавите предизвикани од обилните врнежи од дожд.
Тој информираше дека сите институции се целосно мобилизирани и дека од вчера се на терен заедно со надлежните служби, внимателно ја следат состојбата и работат на санирање на настанатите штети.
„Работиме на отстранување на причините, а не само на постојано справување со последиците“, истакна министерот Хоџа, нагласувајќи ја потребата од систематски и долгорочен пристап во управувањето со ризикот од поплави.
Во таа насока, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе го реализира проектот за регулација на Сува Река во должина од 13 километри. Проектот предвидува чистење и продлабочување на речното корито, поплочување на дното, како и изградба на заштитен камен ѕид.
Изведувачот на проектот е веќе избран и веднаш по изборот на надзор ќе започне реализацијата на терен, изјави Хоџа.
Овој проект претставува трајно и системско решение, кое се очекува значително да го намали ризикот од поплави и да обезбеди заштита на земјоделските површини и домовите на жителите на Сарај.








