-1.2 C
Skopje
19 January, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаСамо Косово зад Македонија по минимална плата – синдикатите бараат 600 евра,...

Само Косово зад Македонија по минимална плата – синдикатите бараат 600 евра, бизнисот нуди „плафон“ од 463

- Advertisement -spot_img

Со минимална плата од 24.379 денари, односно околу 397 евра, Македонија и во новата 2026 година останува на дното во однос на регионот, пред неа е само Косово со минималец од 384 евра. Според регионалните споредби, највисока минимална плата земаат граѓаните на Црна Гора итоа 600 евра, додека пак во Србија таа се движи меѓу 505 и 580 евра, во зависност од бројот на работни часови. Во Босна и Херцеговина минималната плата изнесува 525 евра, во Република Српска 511, а во Албанија од Нова година 444 евра.

40.000 граѓани живеат со минимална плата

Според податоците на СДСМ, околу 40.000 работници во земјава живеат со минимална плата. Во исто време, пресметките на Сојуз на синдикати на Македонија покажуваат дека на едно четиричлено семејство во декември 2025 година му биле потребни околу 65.492 денари за да го помине месецот, од кои над 23.000 денари само за храна и пијалаци. Тоа значи дека дури и две и пол минимални плати не се доволни за покривање на синдикалната потрошувачка кошница.

Клучното барање, според Потпретседателот на ССМ Иван Пешевски на Синдикатот е минималната плата да се зголеми на 600 евра, како и линеарно зголемување на сите останати плати за по 100 евра.

„Барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра произлезе по направена анкета од страна на ССМ, каде на испитаниците им беа дадени три опции, од 500, 600 и 700 евра, најмногу гласови имаше сумата која ја бараме во овој момент. Додека пак, барањето за зголемување и на останататите плати е поради фактот што за само една година согласно податоците од минималната потрошувачка кошница, животот поскапел за скоро 6.000 денари. За да се зачува куповната моќ и не тонеме повеќе во сиромаштија неопходно е зголемување на сите плати, не само на минималната.“ додаде Пешевски, за „Фокус“.

Ова барање доаѓа во услови на инфлација од неверојатни 4,1 отсто на годишно ниво, според податоците на Државен завод за статистика, при што цените на мало во 2025 година пораснале дури за 3,7 отсто.

Откако минатата година не добија поддршка ниту за минималец од 500 евра, од ССМ најавија протести по 20 јануари. За точниот датум и формата на блокади ќе одлучуваат во среда. Целта, како што велат, е подобрување на животниот стандард, усогласување со регионалните минимални приходи и спречување на одливот на работна сила.

„Покачување на платите има само за функционерите, поради тоа наскоро ќе биде одржан голем протест со цел гласот на работникот да биде слушнат. Во среда ќе одлучиме за точното време и место. “ додава Пешевски.

Од Влада на Македонија остануваат на ставот дека решението треба да се бара преку договор меѓу работниците и работодавачите.

„Посочуваме дека најавите за штрајк се демократско право, но воедно потсетуваме дека Владата прв пат води конструктивен социјален дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет, каде сите прашања се дискутираат јавно и транспарентно, во интерес на сите засегнати страни, со цел обезбедување на подобар животен стандард. Владата континуирано гради инклузивен дијалог со сите засегнати страни, вклучително работниците и бизнис-секторот, со цел изнаоѓање одржливи решенија кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард“, стои во одговорот на Владата за РСЕ.

Бизнис-секторот, пак, смета дека 600 евра е нереално висок износ во овој момент. Претседателот на Бизнис конфедерација на Северна Македонија, Миле Бошков, вели дека „психолошката и економска граница“ е 28.500 денари, односно 463 евра.

„Преовладува ставот дека 28.500 денари е психолошка и економска граница која повеќето стабилни компании можат да ја поднесат во овој момент. Оваа сума би значела раст кој го следи трошокот на живот (инфлацијата од околу 4.0% во 2025), но не ги доведува микро-компаниите до банкрот. Оваа сума покрива добар дел од синдикалната кошничка (која достигна над 65.000 денари за четиричлено семејство)“, додава Бошков.

Минималната плата во земјава се усогласува секоја година во месец март, со 50 отсто од порастот на просечната нето-плата и 50 отсто од индексот на трошоците на живот. За март 2026 година, според сегашните пресметки, зголемувањето би изнесувало меѓу 6,5 и 7 отсто, односно дополнителни 1.500 до 2.000 денари – далеку под барањата на синдикатите и под регионалниот просек.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img